По барањето од ОЈО Скопје, одложена закажаната расправа за убиството на Вања и Панче

 

Основниот кривичен суд Скопје го одложи започнувањето на предметот поврзан со двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

Како што денеска информираа од Кривичниот суд, одлагањето на расправата, што беше закажана за 30 јули, е по барање на Основното јавно обвинителство Скопје кое вчера информираше дека ќе предложи спојување на постапката во која првично беа обвинети Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, со постапката против првоосомничениот Љупчо Палевски за кого истрагата заврши вчера.

– Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје на 26.07.204 година достави Предлог за одлагање на закажана главна расправа за предметот со К.бр. 1339/24, насрочена на 30.07.2024 година, а поврзан со двојното убиство на малолетната В.Ѓ. и велешанецот П.Ж. Имено, со оглед на фактот дека истрагата против осомничениот Љ.П. е завршена и по истек на законските рокови по известување за завршена истражна постапка, ќе биде изготвено и поднесено обвинение, кое се однесува за истиот кривично – правен настан за кој се води и предметот К.бр. 1339/24 против четворица други обвинети, а воедно се работи и за исти докази, од ОЈО Скопје, согласно чл. 28 од ЗКП ќе биде поднесен и предлог за спојување на двете постапки, стои во соопштението од Кривичен.

Оттаму дополнуваат дека имајќи го предвид добиениот предлог на Обвинителството, а заради економичност и ефикасност на постапката, судот ги отповикал наредбите за спровод на обвинетите кои издржуваат мерка притвор и мерка куќен притвор, а Судечкиот совет во согласност со одбраната ќе насрочи нов термин за отпочнување на главната расправа за што странките и јавноста ќе бидат благовремено известени.

Основното јавно обвинителство Скопје во мај годинава поднесе обвинение против четири лица за грабнување и сурово убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Обвинети се Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.

Од Обвинителството вчера информираа дека е завршена и истрагата за Љупчо Палевски, првоосомничен за двојното грабнување и свирепо убиство, како и за уште едно лице осомничено за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.

26.07.2024 - 13:45

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега