Петровска-Тилвар: Докажавте во НАТО дека сте доверлив пријател, вие сте контрибутор на безбедноста и стабилноста на Западен Балкан, ќе бидете доверлив пријател и на ЕУ
Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Министерството за одбрана со високи државни и воени почести, ја пречека делегацијата од Романија предводена од министерот за национална одбрана Ангел Тилвар, кој престојува во еднодневна официјална посета на Република Северна Македонија.
На денешната билатерална средба помеѓу двете делегации беше истакнато дека ваквите состаноци се многу важни особено заради безбедносна состојба во Европа на кои се споделуваат идеи и се дискутира за идните чекори.
Министерката Петровска потенцира дека романската надворешна политика е многу одговорна и посветена на мирот и соработката и упати благодарност за континуираната поддршка на нашата земја на патот кон ЕУ.
Информирајќи го за модернизацијата на Армијата и реформите во одбраната, министерката Петровска рече дека како и досега, така и понатаму Северна Македонија ќе продолжи да придонесува со своето активно учество во промовирањето на мирот и безбедноста и како НАТО сојузник, особено во зајакнување на источната граница на Алијансата.
„НАТО мисијата eVA (enhanced Vigilance Activities) во Романија и Бугарија - не се само политички одлуки, за нас е многу важно со вистински операции да покажеме дека сме дел од НАТО“, потенцираше Петровска.
Во тој контекст, романскиот министер Тилвар изрази благодарност за придонесот на Северна Македонија во НАТО мисијата eVA: „Вашата поддршка во eVA не е само политичка одлука, туку ја покажува вашата посветеност за одбрана на слободниот свет. НАТО донесе правилна одлука со членството на Северна Македонија во Алијансата, затоа што се докажавте како добри пријатели.“
Тој додаде дека токму во овие кризни времиња Европската унија не треба да ја остави интеграцијата на Западен Балкан на страна и ја нагласи важноста на регионот на Црното море и за мирот во Западен Балкан и во Европа.
„Докажавте во НАТО дека сте доверлив пријател, вие сте контрибутор на безбедноста и стабилноста на Западен Балкан, ќе бидете доверлив пријател и на Европската Унија“ потенцираше министерот Тилвар.
Од страна на двајцата министри беше кажано дека веќе потпишаниот План за билатерална одбранбена соработка кој содржи 17 заеднички активности е показател за одличната соработка.
Во рамки на денешната официјална посета, министерот Тилвар ќе оствари средба со врховниот командант, претседателот Стево Пендаровски и ќе го посети Центарот за обука на пилоти во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа