Петпати во пет години намалена смртноста на прематурусите во нашата држава

Клиниката и годинава го продолжува трендот на сериозно намалување на смртноста на предвремено родените бебиња, истакна министерот за здравство Фатмир Меџити на прес-конференцијата одржана на ГАК по повод одбележувањето на светскиот ден на прематуритетот.

„Годинава (од 01.01.2023 до 14.11.2023), вкупната смртност на прематурчиња и на критично болни новороденчиња на ЈЗУ У ГАК е 5,6 проценти, со тенденција и понатаму истата да паѓа. Само за споредба од изминатите години кога Северна Македонија во 2016 година беше на врвот на смртноста на новороденчиња во Европа, проценот во изминатите години се движеше од: 2016 г. – 25%; 2017г. – 21%; 2022г. – 8,2 %; и 2023г. – 5,6%“, кажа тој.

Директорката на ГАК, Викторија Јовановска, истакна дека Клиниката за гинекологија и акушерство се приклучува на одбележувањето на Светскиот ден на предвремено родените деца – 17 ноември, со цел подигнување на свеста за предизвиците и ризикот од предвременото породување, за начините да се спречи тоа, за тоа како на прематурчињата да им се овозможат најдобрите здравствени услови да преживеат и да напредуваат, како и давање на поддршка на семејствата на овие дечиња.

Прематуритетот според неа останува глобален проблем и водечка причина за смртност на деца до петтата година, додека дел од преживеаните деца се борат со тешки компликации по здравјето.

„Бројките зборуваат за драстичен пад на процентот на смртност кај предвремено родените бебиња, на што сме особено горди, а тоа се должи на навистина огромниот ангажман на целиот персонал од одделот за неонатална интензивната нега (ОИНТ) и на сериозната инвестиција во персонал, знаење и во најсофистицирана и најсовремена апаратура.

Прочистениот број на смртност (предвремено родени бебиња над 26 гестациска недела) годинава е 1,38%, а 2022 година ја завршивме со 2,4 %.

За одбележување е дека во наведениот период од 2023 година, во добра здравствена состојба дома заминаа 6 прематуруси родени во 26 гестациска недела, едно во 25 гестациска недела и два родени во 24 гестациска недела.

Нашата држава сериозно се доближува до најразвиените земји во светот кога станува збор за преживување и на предвремено родените новороденчињата со најмала гестациска недела и тежина.

Клиниката за гинекологија и акушерство се соочува со недостаток на персонал како педијатри и медицински сестри“, рече таа.

Рената Димитриовска, началник на одделението за интензивна нега и терапија, се осврна на примената на нови методи кои почнуваат да се применуваат и на интензивната нега на ГАК. ГАК, според неа, континуирано ги следи препораките на СЗО со што се приближува кон светското семејствона достигнувања.

Клиниката, како што рече, полека, но сигурно почнува да го имплементира процесот на кенгурирање, најбитниот момент и контакт помеѓу предвреме роденото бебе и родителите.

17.11.2023 - 15:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега