Пендаровски: Русија ги прекрши сите меѓународни правни акти, војската изврши грозоморни злосторства
Руската агресија е војна на една диктатура против една демократија, рече претседателот Стево Пендаровски на конференцијата насловена „Украина – година на хероизмот“.
По повод годишнината од почетокот на војната, Пендаровски нагласи дека и покрај лошите прогнози за исходот, Украина издржа, решена по секоја цена да ја сочува својата независност.
Според него, Русија ги прекршила сите меѓународни правни акти во тој контекст и во текот на изминатата година, нејзините војници извршиле грозоморни злосторства врз многубројни украински цивили, акти несвојствени за една цивилизирана држава.
„Сликите и сведоштвата од Буча, Ирпињ, Мариупол, Херсон, Харков и другите украински градови и села говорат за отсуство на базичното чувство за хуманост на руската воена машинерија, но, сведочат и за тоа до каде може да доведе една анахрона и автократска политика кога за архитектите на оваа војна ниту илјадниците мртви на нивна страна не се доволна причина за запирање на спиралата на безумие. На страната на демократскиот дел од светот не смее да има никакво двоумење дека сите злосторства треба да бидат детално истражени, а виновниците соочени со правдата“, рече Пендаровски.
Храброста и нескршливиот дух на украинскиот народ, додаде претседателот, е најсилна потврда дека оружјето на агресорот не е посилно од вербата во слободата и љубовта кон татковината. За секое морално човечко суштество, вели тој, единствен праведен исход треба да биде ослободување на целата територија на Украина.
Според него, Украина е веќе морален победник во овој конфликт бидејќи успеала зад својата кауза да го обедини демократскиот свет кој покажа невидена солидарност и поддршка во спротивставување на газењето на човековите права и посегањето по слободата на другиот.
Во делот на поддршката за Украина, Пендаровски рече дека Македонија заедно со сојузниците во НАТО Алијансата понуди поддршка и продолжува и понатаму да асистира со хуманитарна, техничка и воена помош која е потребна за да се намалат загубите, санираат штетите и да се извојува конечната победа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа