Пендаровски: Процесот на приближување кон ЕУ се одвива со задоволително темпо во оваа фаза
Актуелните состојби поврзани со европските аспирации на Република Северна Македонија, реформскиот напредок во клучните области, како и политичките состојби во земјава и во регионот биле теми на денешната средба во Вила „Водно’, на претседателот Стево Пендаровски и Жозеп Борел, високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија.
Пендаровски и Борел, во изјавите по средбата истакнаа дека размениле мислења и информации за текот на пристапните преговори на Република Северна Македонија и скрининг процесот, кој се одвива веќе неколку месеци, и го поздравија одржувањето на денешниот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација.
- Формално, господинот Борел денеска е тука за состанок на Советот за стабилизација и асоцијација што се случува по првпат во Скопје, што е уште еден знак или потврда дека процесот на наше приближување кон Европската Унија се одвива со задоволително темпо во оваа фаза, иако станува збор пред сè за техничка фаза и за скенирање на состојбите во виталните области, сепак проценките од Брисел се дека нашите одговори во однос на сите поставени прашања и дилеми во оваа фаза се на висококвалитетно ниво, што не би требало да изненадува со оглед дека ние се подготвувавме за преговорите седумнаесет години, и сме еден од најдобро подготвените кандидати за преговори со Европската Унија, изјави Пендаровски.
Борел, пак, истакна дека на средбата го информирал претседателот Пендаровски за резултатите од денешниот Совет за стабилизација и асоцијација, кој, се одржува првпат во земјава, а ја поздрави и како што нагласи, силната и јасна поддршка од страна на претседателот за реформските процеси на патот кон ЕУ.
-Ја ценам Вашата улога, господине претседател, Вашата силна улога и јасна поддршка за реформите потребни за приближување на Северна Македонија кон членството во Европската Унија. Оваа реформа треба да се договори и спроведе за доброто на Северна Македонија. Не само на европскиот пат, туку со цел да се изгради пожива демократија и попросперитетна економија, истакна Борел.
Посочи и дека добрососедството, добрите односи меѓу соседите и регионалната соработка остануваат суштински елементи на процесот на проширување.
- Ако земјите од Западен Балкан сакаат да станат членки на Европската унија, тоа е добро, а меѓу нив треба да имате добри односи и добра регионална соработка, рече Борел.
Пендаровски и Борел на средбата разговарале и за состојбите и перспективите на земјите во регионот на Западен Балкан, како и за дијалогот Белград – Приштина во пресрет на утрешните преговори меѓу двете страни во Охрид.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа