Пендаровски: Блокадата на интеграциите носи поларизација кај македонските граѓани во однос на Европската Унија

 

Падот на интересот за Европската унија во регионот и немањето на јасна европска перспектива за државите-кандидати за членство, носи само поларизација помеѓу самите македонски граѓани во однос на Европската унија, рече претседателот Стево Пендаровски на пандел-дискусија во рамки на Минхенската безбедносна конференција. Тој кажа дека пример за падот на интересот за Европската унија на Балканот може да се види преку македонскиот пример, односно, иако земјава направи тешки компромиси, напредок во интеграцијата се уште нема.

„До одржувањето на изборите тоа нема да е можно, бидејќи земјата веќе е во т.н. техничка фаза со формирањето на преодната влада, чија единствена задача е организирањето на фер и демократски избори“, вели Пендаровски.

Дополнително, тој кажа и дека Европската унија не е главно прашање веќе години наназад во целиот регион на Западен Балкан, а Пендаровски и останатите соговороници посочија на потребата од обезбедување на јасна европска перспектива за државите-кандидати за членство во ЕУ, што позитивно ќе влијае на севкупната стабилност и просперитет на регионот.

Претходно денеска, на друг панел посветен на земјите од Западен Балкан и безбедноста, Пендаровски посочи дека во интерес на мирот и стабилноста на Европа, неопходно е да се одржи кохезијата во евроатлантскиот блок и процесот на проширување на Европска Унија.

Потребно е да се реафирмира потребата од забрзана и непречена интеграција на земјите од Западен Балкан, како клучен фактор не само за политичките процеси и реформската агенда, но и за севкупната безбедност, оти во време на мултиплицирани кризи и разнишана безбедносна архитектура, важно за стабилноста на Западен Балкан е да има поголемо европско присуство во регионот“, изјави Пендаровски.

Во контекст на безбедносните кризи, биле разменети мислења и за најактуелниот светски конфликт во моментов на Блискиот Исток, како и за глобалните последици од него. На настанот била истакната и важноста на поддршката што САД ја даваат на процесот на европска интеграција на земјите од регионот и за продолжување на реформската агенда во тој контекст.

17.02.2024 - 21:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега