Лефков: Онколошка терапија нема поради мафијата на смртта Пановски-СДС-Филипче, институциите да реагираат

 

Jавноста со право е потресена поради последните случувања со недостаток на онколошка терапија на Клиниката за онкологија за болните од рак. Но, воедно, јавноста исто така треба и заслужува да ги знае причините за тоа зошто има недостаток на потребната терапија. Причината е многу јасна и многу провидна. Се работи за една иста мафија на смртта, која од тешката болест на луѓето профитира и прави бизнис, додека континуирано истите веледрогерии добиваат политичка заштита од политички структури, блиски до СДС и ДУИ, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.

Во продолжение следува неговата прес-конференција: 

Секоја година, првите два до три месеци од годината има недостаток на онколошка терапија и секоја година една иста веледрогерија набавува лекови по енормно високи цени на лекови, злоупотребувајќи ја болеста на луѓето и вештачки креирајќи криза со лекови. Таа иста мафија на смртта, иста веледрогерија, овие 30 години, поради свои бизнис политички интереси на својата нечиста совест, носи повеќе загубени животи од било која друга несреќа каде се загубиле животи во регионот.

Очигледно, не за џабе се зборува дека оваа мафија на смртта во Македонија, која 30 години ровари со Онкологија, е виновна за смртта на повеќе луѓе од сите мафии во регионот, од Грчец до Земун.

Многумина молчат затоа што се поткупени, а дел се плашат затоа што имаат блиски болни, на кои им е потребна помош, или се плашат да не имаат некогаш блиски болни и да не зависат од овој ист клан.

Оттука прашуваме: дали е точно дека веледрогеријата Пановски, која важи за блиска до СДС, истата веледрогерија каде ќерката-директор на Клиника, Ирина Пановска набавуваше лекови од таткото-директор на веледрогеријата, во време кога ним блискиот министер за здравство, Филипче, раководеше со здравство, го уценува со цени македонското здравство?

Дали и оваа последна криза на истата мафија на смртта, каде двојството Венко Филипче и веледрогеријата Пановски е дел од истиот фолклор, каде се печали од болеста на болните од рак?

Дали е вистина дека вештачки создадената криза е токму поради тоа што треба да се купат скапи лекови токму од Пановски, за кој постои сомнеж дека се манипулира со цените на лекови?

Се работи за трговци со животи и души на луѓе.

ВМРО-ДПМНЕ бара мобилизација од институциите и расчистување на големите бизнис олигарси кои раководат со мафијата на смртта, која печали на болеста на луѓето.

Бараме надлежните институции да ги посочат сите одговорни, без разлика дали се лидери на партии, дали биле министри, или се лекари или дел од фирмите и веледрогериите кои снабдуваат со вакви лекови и се богатат на грбот на оние најтешко болни пациенти.

Охрабруваме и Јавниот обвинител да спроведе обемна истражна акција за сите злоупотреби со онколошката терапија, која се прави од една иста веледрогерија.

Не смее да се дозволи тие да печалат, народот да умира! Бараме откривање на вистината за тесната политичка и бизнис спрега на Венко Филипче и моќните веледрогерии.

Но, не се посилни од државата и од интересот на народот.

23.01.2025 - 19:01

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега