Пандев: Ова е големо искуство, жал ми е публиката, но шансите не се изгубени

Како за прв натпревар ова е големо искуство, рече капитенот на македонската репрезентација, Горан Пандев, во официјалната изјава по завршувањето на натпреварот против Австрија.

Австријците ни нанесоа пораз од 3:1, а Пандев порача дека тој и соиграчите го дале својот максимум, но оцени дека Австрија е физички посилна и има добра клупа.

„Сигурно дека шансите не се загубени, треба добро да се одмориме, да се подготвиме за Украина. Не очекува тежок натпревар. Сигурно дека најмногу ми е жал за овие луѓе што дојдоа овде, им благодарам од сè срце што дојдоа да нè поддржат. Да бидат искрен, ние го дадовме максимумот, но Австрија е силна репрезентација“, рече Пандев кој го постигна историскиот гол на ЕП во 18. минута.

Енис Барди исто така, се заблагодари на поддршката од трибините и порача дека на следниот натпревар повторно ќе го дадат максимумот и дека ќе уживаат во секој момент од историскиот настап на ЕП.

„Мислам дека беше добар натпревар за нас, почнавме добро. Нормално дека е тешко да се бориш меѓу најдобрите. Во некои моменти, мислам, бевме многу подобри од нив, но тие ги имаа подобрите шанси, ги искористија. Среќен сум што сме овде, што екипата е жива и дава сè што може од себе и од срце“, рече Барди.

Елиф Елмас, пак, порача дека ништо не е загубено и на наредните два натпревари ќе одат на позитивен резултат.

Селекторот Игор Ангеловски, на прес-конференцијата, пак, рече дека нема причина за разочараност и оти не може, а да не биде горд на играчите кои изборија пласман на Европското првенство.

„Жал ми за навивачите што не им возвративме со позитивен резултат. Направија одлична атмосфера, се надевам на следните натпревари ќе возвратиме со резултат“, рече Ангеловски.

Првите две репрезентации од нашата група (Северна Македонија, Австрија, Украина и Холандија) ќе се пласираат во осминафиналето. Шанси да се пласира ќе има и третопласираната ако биде меѓу четирите најдобри во конкуренција на останатите третопласирани во сите групи.

 

13.06.2021 - 20:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега