Палевски спроведен во Истражниот затвор во Шутка, познато што го очекува следните 30 дена
По повеќе од пет месеци поминати во екстрадициски притвор во Турција, синоќа во земјава е екстрадиран Љупчо Палевски Палчо, првоосомничен за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска на 27 ноември 2023 и на пензионерот Панче Жежовски.
Палевски синоќа со конвој од пет возила на Интерпол, беше спроведен во Истражниот затвор Шутка, откако претходно слета на Меѓународниот аеродром во Скопје со редовна линија Истанбул Скопје, потврди за МИА директорот на затворот Филип Андов.
МВР го потврди завршувањето на процесот на екстрадиција на Палевски, посочувајќи дека полициски службеници од Секторот за меѓународна полициска соработка на МВР во соработка со турската полиција го завршија процесот на екстрадиција од Турција на Љупчо Палевски (59) од Скопје, за кого беше распишана меѓународна потерница за истрага за кривични дела „грабнување" и „убиство“ по издадена наредба XV KO бр 3047/23 од Основното јавно обвинителство Скопје.
Лицето, како што соопшти МВР, е пренесено во КПУ Затвор Скопје.
Се очекува негов распит пред истражен судија и 30-дневен притвор во посебна ќелија, каде ќе биде под специјален безбедносен режим, без контакт со други притвореници.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа