Пак блокиран Фондот за здравство, матичните не може да пријават нови пациенти

 

Делови од веб-страницата на Фондот за здравство повторно не функционираат. Матичните лекари се жалат дека неколку дена не може да пријавуваат и одјавуваат пациенти.

„Опцијата да пријавиме нови пациенти не е достапна веќе 3-4 дена. И претходно имаше периоди кога е недостапна, паѓа системот, па повторно се враќа во функција, но неколку дена веќе воопшто не е достапна. И тоа во услови кога секојдневно се затвораат ординации со по неколку илјади пациенти поради пензионирање колеги. Како да ги пријавиме тие пациенти? Каде да побараат лекарска помош? Има пациенти со СИДА, кои веднаш мора да се пратат на Инфективна, им требаат боледувања, бараат лекови…“, вели Лилија Чолакова-Дервишова, матична лекарка и претседателка на Здружението на приватните лекари на Република Македонија.

Од Фондот за здравствено осигурување потврдија дека има проблеми со делови од платформата, но не поради напад, како пред три месеци, туку поради модернизација серверите.

„Во периодот се прави миграција и модернизација на серверската инфраструктура, така што се јавуваат одредени тешкотии во работата. На сите заинтересирани страни (матични лекари, аптеки, јавни здравствени установи и осигуреници) им излегуваме во пресрет за да им го олесниме пристапот до услугите што ги користат од Фондот“, велат од Фондот за „Макфакс“.

На почетокот на февруари годинава Фондот за здравство како технички проблем го пријави она што подоцна призна дека е хибриден напад поради кој недостапни беа податоците на сите здравствени осигуреници. Проблемите беа надминати по две недели и од Фондот изјавија дека експертите утврдиле дека нема украдени податоци.

 
17.05.2023 - 11:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега