Остатоците од „Титан“ пронајдени на 500 метри од Титаник, телата можеби нема никогаш да бидат пронајдени
Екипажот на подморницата Титан е изгубен, нејзината рамка за спуштање на дното и задниот капак се пронајдени денеска меѓу остатоците недалеку од потонатиот брод Титаник, соопшти компанијата Оушн Гејт.
„Сега веруваме дека нашиот извршен директор Стоктон Раш, Шахзаде Давуд и неговиот син Сулејман Давуд, Хамиш Хардинг и Пол-Анри Наргеоле, за жал се исчезнати“, се вели во соопштението на приватната компанија.
Во соопштението се вели дека патниците биле вистински истражувачи кои споделувале посебен дух на авантура и длабока страст за заштита на светските океани.
„Ова е исклучително тажно време за нашите посветени вработени кои се исцрпени и длабоко тажни поради оваа загуба. Целото семејство на Оушн Гејт е длабоко благодарно на мажите и жените од многуте организации на меѓународната заедница кои толку напорно работеа на оваа мисија“, соопштија од компанијата.
Адмиралот на американската крајбрежна стража Пол Мауџер потврди дека роботското пловило од канадскиот брод „Хорајзон Арктик“ ја пронашло конусната опашка на „Титан“ на околу 500 метри од остатоците на „Титаник“.
Тој додаде дека се пронајдени пет големи дела на „Титан“.
„Не знам дали ќе можеме да ги извлечеме телата. Тоа е неверојатно сурова и непростлива средина“, додаде Мауџер.
Гилермо Зенлајн, еден од основачите на „Оушнгејт“, претходно изјави дека во пловилото можеби се случила „моментална имплозија“.
„Кога сте на голема длабочина, притисокот е толку голем што ако има дефект, би дошло до моментална имплозија. Ако се случило тоа, се случило уште пред четири дена“, изјави Зенлајн.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа