Османи: Требаше да му пуштите без скенирање за да покажете почит кон Косово

Косовската претседателка никогаш не барала да се пречекоруваат или прекршуваат процедурите, туку да се почитуваат меѓународните правила, како што тоа се прави во целиот свет, се вели во соопштението од кабинетот на Вјоса Османи.

Се додава дека, за жалење е начинот на кој беше „разрешен“ инцидентот во Скопје на вчерашната прес-конференција, а се оценува дека тоа само уште повеќе придонесува за пропаганда и оцрнување на Косово.

„Претседателката Османи придонесе за развојот и продлабочувањето на позитивните односи со Северна Македонија во текот на нејзината политичка кариера, а особено за време на нејзиниот мандат како претседател на државата. Но, таа никако не може да го прифати оцрнувањето на Косово. Оваа состојба лесно може да се надмине доколку се има политичка волја на официјално Скопје“, се вели во соопштението од кабинетот Османи.

„Она што се случи на аеродромот во Скопје е јасно прекршување на меѓународните правила признати и применети во светот, па затоа Претседателството очекува да биде информирано за мерките што се преземаат во врска со овие прекршувања, како што е посочено во протестната нота испратена од Косово“, се вели во соопштението од Претседателството.

Се додава дека институциите на Северна Македонија сѐ уште не се занимавале со прашањата покренати во протестната нота на Косово.

„Иако го цениме изразувањето на жалење од страна на премиерот на Северна Македонија, за жал, до сега, институциите на Северна Македонија во ниту еден момент не се осврнале на прашањата покренати во протестната нота во врска со кршењето на меѓународното обичајно право во однос на Косово. Напротив, тие отворено и без никакво двоумење прифатија вакво прекршување. За тоа не се потребни дополнителни извештаи и истраги за ниту една фактичка состојба, бидејќи тие се целосно ирелевантни пред јавноста да признае дека ваквото правило е намерно наметнато и покрај јасните барања на меѓународното право“, се вели во соопштението.

Се додава дека со овој инцидент Претседателството се занимавало преку институции за да ги зачува односите меѓу двете земји, но се до моментот кога започнала невидена пропаганда против претседателот, во која Претседателството било принудено да одговори на големиот интерес на медиуми.

Во соопштението од Претседателството се наведува и списокот на десетици земји кои Османи ги посетила без проблем за време на нејзиниот мандат.

„Сите овие земји, од кои повеќето ги посети неколку пати во текот на нејзиниот мандат, без исклучок, во целост ги почитуваа меѓународните правила во однос на третманот на шефот на државата, а со тоа и на самата држава.

Според Уставот на Косово, претседателот ја претставува земјата одвнатре и однадвор. И покрај екстремно строгите безбедносни правила на аеродромите во огромното мнозинство од овие земји, тие го прифаќаат претседателот на државата како највисок претставник на државата и никогаш не бараат да се скенира ниту лична торба, а камоли телефон или скенирање на телото бидејќи , меѓу другото, тоа би значело дека шефот на државата, а со тоа и земјата се третира како потенцијален ризик од тероризам“, нагласуваат од Претседателството.

Објаснето е дека во секоја земја во која се патува, претседателот не го бара овој третман, туку тој автоматски го обезбедува земјата домаќин, врз основа на известувањето на амбасадата за патувањето на претседателот и врз основа на меѓународните обичаи, закон, кој е обврзувачки за сите земји.

„Тоа беше целосно почитувано дури и од земјите кои сѐ уште не го признаа Косово. Претседателката Османи со колегите потврди дека оваа процедура се почитува секогаш и секаде. Претседателката на Косово бара почитување на државата што ја претставува, односно Република Косово и ќе продолжи да го прави тоа одлучно во согласност со меѓународните правила и принципи кои ги регулираат односите меѓу државите“, се вели во соопштението.

Заклучено е дека извештајот на Претседателството и косовската полиција за „невиден инцидент на скопскиот аеродром“ е финализиран и ќе биде достапен за неколку дена.

„Од овие извештаи јасно се разбира дека нема барање за отстапување или заобиколување на правилата, туку напротив почитување и примена на конвенциите и меѓународното обичајно право, а пред сѐ почитување на Косово“, се заклучува во соопштението.

06.08.2024 - 17:11

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега