Османи: Доколку се пропушти моментот може истите уставни измени да ги правиме за 10 до 15 години
Ќе го искористиме моментот или ќе чекаме притисокот на ситуацијата да нѐ искористи нас.
Во оваа насока министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска порача дека уставните измени се неопходни за влегување во последната фаза пред членство во Европската унија. Според него, ако го пропуштиме овој момент, можно е да мораме да ги направиме истите уставни измени по 10 или 15 години „откако уште половина милион граѓани ќе отиде од државата и ќе се изгуби надежта за европска перспектива“, рече Османи за време на прес-конференцијата со шпанскиот министер за надворешни работи Хуан Мануел Албарез кој е во Скопје.
Османи тоа го спореди со прашањето со името, и праша дали ќе дозволиме таа ситуација да се случи уште еднаш. „Ако ја пропуштиме шансата и влеземе во состојба на изолација ние нема да може да се вклучиме на брзата патека, туку ќе чекаме да созрее идејата и после декада и повеќе да седнеме и да ги направиме истите уставни измени, а при тоа да се изгубат многу години заради политичари на кои им е важно како ќе поминат на следните избори и воопшто не им е важен интересот на граѓаните и на државата“, посочи Османи.
Околу дилемите што некои почнаа да ги поставуваат во последно време како би биле запишани Бугарите во уставот, Османи рече дека тоа ќе биде како и за сите други – како дел од бугарскиот народ и никако поинаку.
Шпанскиот министер за надворешни работи Албарез дојде во Скопје, на почетокот на неговата турнеја по земјите на Западен Балкан, за да го пренесе уверувањето на Мадрид дека пристапувањето на регионот во ЕУ е важен момент во плановите на неговата влада. И дека ќе биде на врвот на агендата на Шпанија кога во јули ќе го преземе претседателството со ЕУ.
„Минаа многу години пред министер за надворешни работи од Шпанија да дојде во овој регион. Ние сакаме да ја зајакнеме нашата соработка. Претседавањето на Шпанија со ЕУ се совпаѓа со претседавањето на Македонија со ОБСЕ и сигурно ќе има синергии меѓу нашите две претседавања и дека ќе можеме да работиме заедно за аспекти што се многу важни за Европа во овие толку сложени времиња“, рече Албарез на прес-конференцијата по разговорите со Османи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа