Ослободени се 45 затвореници од затворот во Шутка – дадената ковид-амнестија спроведена и во пракса

 

 

Граѓаните кои не ги почитуваа прописите за заштита од коронавирус во време на пандемијата, а не ги плаќаа казните изречени од судот – го завршија издржувањето на затворската казна. Директорот на затворот „Скопје“ во Шутка, Филип Андов, ви интервју за „Макфакс“, посочи дека ослободени се 45 лица, на кои затворската казна, Кривичен суд им ја заменил во условна казна. Тој кажа дека со ова се ослободиле голем дел од капацитетите.

„Ова не е класична амнестија, туку тука се заменува казната во условна казна“, вели Андов.

Тој посочува дека затворот со кој тој раководи бил најзасегнат, бидеќи 95 отсто од граѓаните кои не ги почитувале мерките и не плаќале казна – завршувале во оваа казнена поправно установа.

„Мораше да се најде место. Од 147 легла, зголемивме и стигнавме до 220 легла. Во затворот собравме сѐ од Град Скопје и од надворешноста. Кој имаше да плати – да, кој немаше да плати ги издржуваше тие денови пресметани како затворска казна“, додаде Андов.

Во затворот поминале 87 затвореници, осудени дека не ги почитувале прописите за заштита од коронавирус односно полицискиот час кој беше во сила.

„Има и шест кои се ослободени за ова дело (непочитување здравствени прописи во време на пандемија), но се гонат за други дела“, појаснува Андов.

Упати и порака дека ако има лица кои се осудени и имаат уаптни акти, да се обратат во Кривичен суд, од каде треба да им изречат условна казна.

„Тие што имаат упатни акти, да одат во судот и да добијат условна казна. За да им се прекине упатниот акт“, додаде Андов.

Крајот на март претседателот Стево Пендаровски, го потпиша Указот на усвоениот Закон за амнестија, со кој нема да се казнат граѓаните кои треба да отслужат казна затвор и не можат да ја платата санкцијата за непочитување на ковид-прописите.

Лицата чија парична казна изнесува над 1.000 евра или изречената казна им е заменета со казна затвор, ќе добијат условна осуда од три години, додека оние лица што чија парична казна изнесува до 1.000 евра или изречената казна им е заменета со казна затвор ќе добијат условна осуда од две години, рок во кој не смеат да сторат ново кривично дело.

До крајот на јуни 2022 осудени беа 1.223 лица со парична казна од 2.000 евра. Во меѓувреме 280 лица меѓу нив не ја платија казната и истата им беше заменета со затворска. По истите овие решенија издадени се 205 упатни акти за издржување на казна затвор.

14.04.2023 - 15:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега