Орбан ја нападна ЕУ, тврди дека води ЛГБТ+ офанзива и се залага за федерализам

 

 

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска повторно ја нападна Европската Унија, овој пат за водењето на „ЛГБТ+ офанзивата“ и застапувањето на федерализмот, нагласувајќи дека Будимпешта ќе ги зачува христијанските корени на земјата.

Во говорот во Романија, Орбан, долгогодишен критичар на Брисел, рече дека се надева оти европските избори следната година ќе ги зајакнат владите што се спротивставуваат на „федерализмот“ за кој се залагаат Германија и Франција.

На власт од 2010 година, Орбан пред две години забрани содржини за кои верува дека промовираат хомосексуалност и промена на полот во училиштата, тврдејќи дека децата треба да бидат заштитени од „ЛГБТК пропаганда“.

Унгарскиот премиер се судри и со Брисел за други прашања како владеењето на правото, реформите во медиумите и судството. ЕУ е „или империја или (индивидуални) нации“, рече Орбан. „Не смееме да имаме илузии. Федералистите се обидуваат да не истиснат. Тие отворено сакаа промена на власта во Унгарија во 2022 година“, тврди Орбан, додавајќи дека тоа сега се повторува и во Полска.

Полјаците ќе излезат на избори есен, каде конзервативната партија Право и Правда (ПиС) ќе се обиде да освои трет мандат. ПиС усвои бројни мерки слични на Фидес на Орбан, а двете земји се судрија околу владеењето на правото со Брисел, што доведе до суспензија на дел од европските фондови.

Орбан смета дека рамнотежата меѓу федералистите и државите кои не сакаат да му предадат дополнителни овластувања на Брисел се променила кога Велика Британија излезе од ЕУ, па сега само Варшава и Будимпешта одржуваат „антифедералистичка позиција“.

Орбан ја засили анти-ЛГБТ реториката во време кога Унгарија се справува со економски проблеми и висока инфлација, која беше 25 отсто во првиот квартал од годината.

22.07.2023 - 15:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега