Опериран таткото на исчезнатиот внук на Бошкоски - во пукањето се здобил со две повреди

 

Заврши операцијата на Љупчо Костадиновски, таткото на исчезнатиот внук на Љубе Бошкоски, Самоил. Тој се наоѓа во стабилна состојба и е задржан во болница.

Во денешното пукање Костадиновски се здоби со две повреди, едната во делот на рамото, а другата во надлактицата.

Пукањето се случило кога таткото на Самоил се движел кон семејната куќа во Лисиче, а напаѓачот пукал од мотор во движење.

„Денеска во 08.38 во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Аеродром едно лице пукало и го повредило 57-годишниот Љ.К. пред неговиот дом. Повредениот бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош. Полициски екипи извршија увид и во координација со јавен обвинител се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштија од МВР.

Таткото на исчезнатиот Самоил Костадиновски нудеше парична награда за пронаоѓање на синот.

За исчезнувањето на Самоил пријавил неговиот 32-годишен брат во осум часот наутро на 4 март по што од МВР биле преземени соодветни мерки за негово пронаоѓање. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, потврди дека се постапува по случајот со исчезнувањето на 26-годишното момче, кое, според пишувањата во медиумите, е роднина на политичарот и лидер на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.

Она што досега е познато, како што посочи министерот, е дека се уапсени две лица во однос на овој предмет и дека е поднесена кривична пријава за грабнување.

07.07.2023 - 17:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега