Оформен предмет по допрен глас за смрт на пациенти во прилепската болница
Основното јавно обвинителство во Прилеп по допрен глас оформи предмет по информациите за смрт на две лица во ЈЗУ Општа болница Прилеп – жена на возраст од 48 години и непознато машко лице кај кои биле извршени оперативни зафати по што добиле интерхоспитална бактерија од која починале. Според сознанијата, веднаш по овие случаи сите оперативни сали во болницата биле затворени.
-Исто така, Основното јавно обвинителство Прилеп постапува и по добиена информација преку допрен глас за несовесно лекување на лице на возраст од 30 години на Одделот за неврологија при ЈЗУ Општа болница Прилеп. Пациентот наводно бил лекуван десетина дена со погрешна дијагноза, соопштија од Јавното обвинителство.
Со цел да ги провери овие информации и евентуална кривична одговорност, надлежен јавен обвинител издаде барања за прибавување на целокупната писмена документација во врска со овие случаи од Државниот санитарен и здравствен инспекторат Прилеп и од ЈЗУ Општа болница Прилеп.
Како што се посочува во соопштението, издадена е и наредба до МВР – ОВР Прилеп да изврши информативни разговори со службени лица во болницата, со роднини и блиски лица на пациентите. По извршените проверки ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапката.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа