Од денеска субвенција за вграден плински уред во возилата - ова се условите

 

Граѓаните кои од денеска ќе вградат уред за погон на ТНГ, метан или друг вид алтернативно гориво во своите возила ќе можат да остварат право на поврат од 50 проценти од средствата за вградување на плински уред, но не повеќе од 18 илјади денари, односи 300 евра.

За оваа намена Министерството за економија денеска ќе објави јавен повик за субвенционирање на дел од трошоците што ќе трае 60 дена и ќе се одвива по принципот „прв дојден прв услужен“. Надомест на дел од трошоците ќе се врши за само едно возило во едно семејство. За оваа мерка од Буџетот на Министерството за економија се предвидени 11 милиони денари или 178.000 евра со што ќе можат да бидат опфатени околу 600 граѓани.

– За да добијат субвенции, сопствениците на возила произведени од 2005 година па наваму треба да извршат купување и вградување уред за погон на ТНГ, метан или друг вид алтернативно гориво во возилата, по денот на објавувањето на јавниот повик во некои од фирмите кои вршат продажба и вградување на таквите уреди. Со така преправеното возило сопственикот треба да се упати во техничка служба која ќе ја констатира преправката и сопственикот ќе биде упатен во МВР каде треба да се пријави преправката, објасни вчера министерот за економија Крешник Бектеши.

Во МВР, појасни, на сопственикот ќе му се издаде упатница која треба да ја достави до техничката служба за да биде направена проверка на направената преправка. Техничката служба го прегледува возилото,  изготвува записник и издава потврда за сообразност на вградениот уред и пропратно писмо. Со потврдата и писмото сопственикот се упатува на шалтер на МВР каде добива нова сообраќајна дозвола во која е евидентирана преправката, односно дека е монтиран уред за погон на ТНГ, метан или слично.

Откако граѓанинот ќе ја добие новата сообраќајна дозвола во која е внесена измената на погонското гориво за пријавување на јавниот повик во архивата на Министерството за економија треба да достави пополнето барање и изјава од подносителот, фискална сметка со сметкопотврда, копија од сообраќајната дозвола за возилото заверена на нотар во која е евидентирана промената, фотокопија од лична карта и број на трансакциска сметка, каде Министерството за економија ќе ги уплати средствата од субвенцијата.

Оваа мерка првпат беше спроведена во 2019 година кога беа субвенционирани 731 граѓанин кои вградија вакви уреди во своите возила. Минатата година оваа мерка не беше спроведена заради пренамената на предвидените средства за поддршка на најпогодените граѓани и компании од ковид кризата.

08.06.2021 - 08:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега