Од 6-та владина седница: Решение за именување членови на Националниот совет за развој

Влaдата на денешната седница ја разгледа и усвои и Информацијата со Предлог – решение за именување членови на Националниот совет за развој, на предлог на Генералниот секретаријат на Владата и донесе Решение за именување членови на Националниот совет за развој.

Од страна на Владата, претходно, беше донесeна Одлука за формирање на Национален совет за развој, како постојано советодавно тело на Владата, за работи поврзани со Националната развојна стратегија за периодот 2024 – 2044 година, чиишто членови се утврдени денеска. За членови на Национален совет за развој се именувани: претседателот на Владата, Талат Џафери, замениците на претседателот на Владата: Бојан Маричиќ, Артан Груби, Фатмир Битиќи и Славица Грковска, генералниот секретар на Владата, Методија Димовски, министрите: Фатмир Бесими, Крешник Бектеши и Славјанка Петровска.

Во составот на ова тело се предвидени претставници и од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, од Кабинетот на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, МАНУ, координатори и претставници на политички партии во Собранието, претставници од стопанските комори во државава, синдикати, градоначалници односно претседатели на советите за развој на планските региони, претставници од универзитетите, од Националниот младински совет.

20.02.2024 - 23:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега