Обвинители, полицајци и инспектори влегоа во битолската болница за Јана
Обвинителство, полиција, инспекторат. Ова се трите институции кои од се влезени на контрола во Клиничката болница-Битола, откако завчера почина петгодишно девојче. Потврда за ова даде и директорот Александар Обедниковски за „Макфакс“, кој ќе бара да се направат проверки и од Министерството за здравство преку посебна комисија. Директорот Обедниковски посочува дека не може да ги коментира обвинувањата дека на детето му била вбризгана глукоза иако шеќерот и бил покачен на 9, како што тврди семејството.
„Тоа не можам да го кажам тоа. Тоа го проверуваат. Дојдоа и од Обвинителство и полиција. Штом постапува Обвинителство – не можам да коментирам“, кажа тој.
Прашан дали тој се сомнева во лекарска грешка, посочи дека за тоа ќе одлучат институциите.
„Не можам тоа да го кажам. Тоа го одлучува Министерството за здравство и инспекторатот. Затоа и ќе барам да дојде комисија од Скопје, да не излезе потоа дека ние криеме некакви докази итн. Нека си дојдат од Скопје“, додаде Обединковски.
За случајот, директорот ќе има средба и со новиот министер за здравство.
„Јас одам кон Скопје на состанок во Министерство за здравство за да се договориме како да постапиме понатаму. Ќе побарам од министерот за здравство да направи комисија да дојде и да ја испитаат состојбата“, додаде директорот за „Макфакс“.
Девојчето починало откако примило инфузија.
„Девојчето е донесено во болницата во 10 часот вчераутро, а почина во 14 часот. Родителите го донесоа дехидрирано, со покачена температура, повраќање и со оток на очите. Кај нас беше само рехидрирано пред да почине. Телото сега е на обдукција, а за случајот го известив Обвинителството“, рече вчера директорот Обедниковски.
Сведоштво за последните моменти на Јана, имаше и нејзиниот татко за „Макфакс“. Тој и неговата сопруга се убедени дека за смртта на нивната ќерка пресудна била инфузијата со гликоза што ја добила и покрај тоа што претходно анализите покажале дека шеќерот и е деветка. По инфузија шеќерот и се искачил на 19 и состојбата и се искомплицирала, а по три часа им соопштиле дека починала.
Со став излезе и битолското Обвинителство од каде посочија дека издале наредби за да се утврди фактичката состојба.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа