Продолжува успешната театарска традиција - Велес доби нов театар
Премиерот Никола Груевски и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска денеска официјално го отворија новиот објект на театарот во Велес.
Објектот е изграден на 4.200 квадратни метри и располага со голема сала со капацитет од 370 посетители и мала сцена со можност да прими од 50 до 110 посетители. Основниот сценски простор од големата сцена е од модуларен тип со три оркестарски и осум сценски платформи кои овозможуваат лесна, брза, безбедна трансформација и конфигурација на основниот сценски простор. Објектот располага со опрема и уреди, аудио и видео системи од врвни светски производители, со можност за презентација на театарски дела со ефект и квалитет како во најсовремените театри во Европа и светот, со што ќе биде овозможено во Велес да гостуваат сценски дела од која било светска продукција.
Новиот театар во Велес значи продолжување на успешната театарска традиција на овој град и подигнување на стандардите на театарската дејност, но овојпат во еден репрезентативен театарски објект со простор кој ги задоволува светските стандарди, но и сценски простори со современи технолошки системи во кои ќе се негуваат уметноста и културата и ќе се реализираат содржини од сценско-уметнички дејности со високи технички перформанси.
Во рамки на посетата премиерот Груевски изврши увид на градежните работи на реконструкцијата на мостот Гемиџии чија реконструкција почна во февруари годинава. Ова е прва негова посериозна и целосна санација, а инвестицијата е во вредност од близу 32 милиони денари. Санацијата се одвива во неколку фази и предвидено е да трае една година.
Премиерот во Велес го пушти во употреба и модернизираниот градски стадион на кој се исполнети сите услови за играње меѓународни натпревари. На стадионот е заменета тревата со вештачка, а ќе се обноват и трибините.
Во рамки на посетата во Велес премиерот присустуваше на пуштањето во употреба на новоизградениот парк „Васил Главинов“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа