Попоски: Македонија во Авганистан е аргумент плус за апсурдноста од грчкото вето во НАТО
Министерот за надворешни работи Никола Попоски на денешниот состанок со Северноатлантскиот совет (НАК) на НАТO во Брисел, потврди дека македонската Армија ќе продолжи да учествува во мисијата на Алијансата во Авганистан и пост-ИСАФ 2014-та, што е аргумент плус за апсурдноста од грчкото вето за членство на Македонија во НАТО.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Попоски истакна дека утринава генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, го потврди она што го знаеме од праксата, а тоа е дека ветото останува привилегија на една земја-членка.
- Нема изненадување во однос на Самитот во Велс. Она што го кажа генералниот секретар е одраз на реалноста. Од една страна земја-кандидат што од 2008 година ги има исполнето сите критериуми, а од другата страна, злоупотребување на правото на блокада како политички инструмент од страна на една земја-сојузник на НАТО. Тоа е она што можеме да го предвидиме за текот на настаните во поглед на Самитот во Велс, истакна Попоски по состанокот во НАТО.
Како апсурд на целата ситуација со држењето на Македонија пред вратите на Алијансата е активното, рамо-до-рамо учество на македонските војници во мисиите на НАТО низ светот. Македонскиот шеф на дипломатијата потврди дека нашите војници остануваат во Авганистан и по оваа година.
- Министерскиот Самит во ИСАФ-формат беше посветен на иднината на НАТО-мисијата во Авганистан. Македонија останува дел од оваа мисија што е најдобар доказ за нашата посветеност и сериозност во однос на евро-атлантското семејство, а воедно и најголем аргумент што покажува колку е апсурдна политиката на блокирање и непочитување на преземните обврски поради блокадата што ја трпиме веќе шеста година, додаде министерот Попоски.
Како што е познато, освен Македонија, покана за членство на претстојниот Самит очекуваа и Црна Гора и Грузија, но и овие земји останаа да чекаат, со оглед на тоа што, како што истакна генералниот секретар Расмусен, треба да исполнат уште многу услови. А, претходно, во изјава за МИА, министерот за надворешни работи Никола Попоски посочи „Македонија нема никаков друг предизвик кон членство, освен да помогне во внесувањето малку разум кај прекршувачот на меѓународното право во нашите сојузнички редови”.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа