Закон: Плажите во Охрид не смеат да бидат цели под лежалки
Координација на активностите што ќе се преземаат во текот на туристичката сезона е целта на состанокот со инспекциските служби, што денеска се одржа во Секторот за туризам и локален економски развој.
На состанокот што го водеше секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески беа присутни претставници од општинскиот инспекторат, пазарната инспекција, Управата за јавни приходи, СВР Охрид и од сообраќајната полиција.
Општина Охрид соопшти дека биле разгледани проблемите со дивите станоиздавачи, нелиценцираните туристички водичи, дивите такси превозници, како и другите нотирани недостатоци од минатата сезона.
- Секторот за туризам и локален економски развој одржа состанок со легалните станоиздавачи, каде се констатира дека најголем проблем се дивите посредувачи на туристи. Во насока на елиминирање на проблемите оваа година седум лица од Секторот, распоредени во три групи ќе бидат ангажирани како туристички контролори, кои ќе работат во три смени и за време на викендите. Со нивниот ангажман се очекува бројот на дивите станоиздавачи и посредувачи на туристи и нелиценцираните туристички водичи значително да се намали, информира општинската прес-служба.
Во координација со пазарната инспекција ќе се вршат засилени контроли за почитувањето на работното време на угостителските објекти и нивото на бучавост, а доколку се констатира пречекорувања ќе следат санкции.
Општинскиот инспекторат во соработка со УЈП ќе ги проверува податоците за времените објекти со што, општината очекува, полесно разоткривање на нелегално поставените времени објекти и нивно отстранување.
Сообраќајниот инспекторат посочи дека поради контролите кои ги спроведуваат, бројот на диви такси превозници е значително намален, а легалните такси превозници ја почитуваат одлуката за видно истакнување на ценовникот.
Во наредниот период ќе бидат контролирани и плажите, кои се издадени под концесија за да се утврди дали концесионерите се придржуваат кон договорите за поставување лежалки на 60 отсто од површината и 40 проценти плажата да е без лежалки.
Општина Охрид очекува годинава да се зголеми наплатата за туристичка такса, за што треба да придонесе мерката за субвенционирање, која првпат се воведува.
Координативни состаноци со инспекциските служби надлежни за Охрид почнаа да се одржуваат од лани, а ќе продолжат и во иднина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа