ЕУ: Политичкиот дијалог во Македонија ќе биде од корист на граѓаните
Европската унија денеска го поздрави дијалогот што по иницијатива на премиерот на Република Македонија Никола Груевски, започнува со лидерот на најголемата опозициска партија СДСМ, Зоран Заев, со цел надминување на политичките недоразбирања во земјата, јави дописникот на МИА од Брисел. Маја Коцијанчич, портпаролка на Европската комисија, денеска истакна дека дијалогот на власта и опозицијата во нашата земја би бил само од корист на граѓаните, но и во насока на решавање на реформските приоритети на ЕУ.
- Ефективните напорите за надминување на сегашниот ќор-сокак и подобрувањето на политичкиот дијалог ќе биде од корист на граѓаните. Ова е исто така важно и во однос на решавањето на клучните реформски приоритети на Унијата, посочи Коцијанчич во изјава за МИА.
Од Комисијата, денеска исто така потврдија и дека посредникот на ЕУ во преговорите меѓу власта и опозицијата, Питер Ванхуте, е ангажиран од страна на ЕУ-делегацијата во Скопје, а не од комесарот за проширување Штефан Филе, ниту од ЕК. Според официјален Брисел, Ванхуте бил ангажиран и за намдинување на разликите за имплементирање на препораките од политичкиот договор од 1 март 2013 година и ЕУ-делегацијата го вклучила повторно за медијатор во новите преговори, со оглед на тоа што истиот е упатен во односите власт-опозиција во Република Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа