Француски експерти ги обучуваат македонските судии за клевета

 

Четириесетина македонски судии, новинари и адвокати денеска и утре ќе учествуваат на обука која ќе биде фокусирана на прашања за слободата на изразување во медиумите.

Обуката, која е организирана во рамките на договорот за соработка помеѓу Француската амбасада и Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, ќе ја посетуваат судиите кои водат постапки во врска со слободата на изразување,  посебно кои постапуваат во предмети  за клевета, адвокатите и новинарите.

Директорката на Академијата Анета Арнаудовска денеска појасни дека обучувачите од Франција ќе ги пренесат искуствата во поглед  на комуникациските стратегии на судството со јавноста и медиумите, начинот на транспарентноста на судството во Франција, како и кривичните и граѓанските случаи за клевета и навреда сторени преку медиумите.

Обуката ќе биде предводена од двајца француски судии, Анабел Филип заменик обвинител во Основениот суд во Париз и раководител на Секторот за печат и заштита на слободите на изразување на медиумите во Јавното обвинителство и  Марк Баји, заменик претседател во  Основениот суд во Париз, судија координатор на Комората за печат.

За амабасадорката на Франција во Македонија Лоренс Оер темата за слободата на изразување треба да биде разгледувана од повеќе аспекти, тоа се индивидуалните и граѓанските слободи.

- Денешната тема е посветена и за казните што ги плаќаат новинарите и медиумите кога се осудени за клевета. Во однос на сите извешти што се направени за слободата на изразување во Македонија, претстои уште работа и е потребна подобра координација на судиите со новинарите за што поголема доберба во правосудниот систем, истакна Оер.

Според амбасадорката казните кои што ги плаќаат новинарите и медиумите во Македонија се превисоки во споредба со францускиот систем.

- Затоа преку оваа обука ќе повикаме на умереност, односно да се земе во предвид француската практика за кој што во текот на овие два дена ќе ја говорат нашите експерти. И во Франција има случаи во кои медиум е осуден, посебно ако објавил неточна информација или ако пак го повредил приватниот живот на некоја личност. Меѓутоа казните се симболични, односно во висина од едно евро. Најчеста казна во Франција е со објавување на оглас во јавен весник за тоа дали некој медиум е осуден, појасни Оер.

Во февруари оваа година во соработка со француската амбасада во Македонија беше спроведена обука наменета за административните кадри на Академијата за инжентеринг на Центар за судски обуки  а во месец април беше спроведена обука на предавачи.

МИА

24.06.2014 - 12:22
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега