Економијата во Македонија зема залет: Експертите и бизнисмените оптимисти

Растот на БДП од 3,9 отсто во првиот квартал е добар сигнал за македонскатa економија, велат бизнисмените и експертите. Тие се убедени дека растот на БДП ќе донесе и поголемо кредитирање на стопанството, пишува Република. 

Раст на БДП е забележан во сите сектори. Најголем двигател е  е градежништвото, со раст од 13,7 отсто, додека финансиското посредување учествува со 4,7 oотсто, трговијата на големо и мало со 3,3 отсто. Ако се анализира структурата на БДП според расходниот метод, бруто инвестициите од јануари до март пораснале за 26,5 отсто во споредба со истиот период од лани.

Ваквиот раст на БДП, велат од Стопанската комора на Македонија, охрабрува и создава почва за реализирање на планираниот годишен раст.

- Реализираниот пораст на БДП во првото тримесечје на 2014  година е  многу значаен и е за поздравување, бидејќи е реализиран во услови на се уште високи негативни импликации од поблиското и поширокото опкружување и се уште не заздравени економски состојби кај нашите позначајни стопански партнери. Во структурата на пораст на БДП предничи градежништвото со  13, 7 отсто, велат од Стопанската комора на Македонија за Република.

Остварениот пораст на БДП во првото тримесечје, тврдат надлежните, е добра база за остварување на планираната динамика на пораст на БДП за 2014 година од 3, 2 отсто, според Владата и 3,7 отсто, според НБРМ.

Според експертите, растечкиот извоз покажува тенденција на замирање на кризниот период во македонската економија. Податоците потврдуваат дека домашните стопанственици се ослободиле од стегите на кризата и пронашле нови пазари, посебно за Западна Европа.

- На среден рок е можно да се постигнат и повисоки стапки на економски раст, коишто ќе влијаат на подобрување на животниот стандард на населението. Очекувам дека зголеменета економска активност ќе го поттикне и кредитирањето. Банките се уште перцепираат одредени ризици во економијата, па иако располагаат со средства, тешко му одобруваат кредити на стопанството, но за очекување е како што економијата ќе расте, така да забрзува и кредитирањето, вели професорот Марјан Петрески за Република.

Градежниците, чиј сектор бележи најголем раст, сметаат дека изградбата на новите автопати, вложувањата во железницата и енергетиката даваат резултати. Тие очекуваат трендот да продолжи.

-Градежниот сектор ќе биде двигател на македонската економија, а со тоа и остатантите сектори кои се поврзани со него исто така ќе заживеат. Обемната програма на партијата којашто дојде на власт предвидува зголемување на капиталните инвестиции за над 20 проценти, па оттука сметаме дека и во наредните пет до десет години ќе имаме активности , вели претседателот на Комората за градежништво при ССК, Сеад Кочан.

Со раст на економијата од 3,9 отсто, Македонија има најголем раст на БДП во однос на сите земји од Европската унијa. Според податоците кои ги објави ЕУРОСТАТ, најголем раст во ЕУ во првите три месеци од годинава, забележала Полска од 3,5 отсто, а зад неа е Унгарија со 3,2 отсто. Над три проценти раст бележи само уште Велика Британија и тоа 3,1 отсто.

Од регионот, во првиот квартал Србија бележи раст од 0,4 отсто. Растот во Бугарија е 1,2 отсто, а во Грција има негативен раст од 1,1 отсто.

Во земјава, двигател на растот останува градежништвото,  благодарение на инфраструктурните проекти на државата, односно изградбата на автопатите.

Благодарение на овие државни инвестиции се намалува и невработеноста. Само на изградбата на патиштата работат над 1000 работници, а тоа резултира со натамошен пад на невработеноста. Државниот завод за статистика објави дека невработеноста е на најнискo ниво досега од 28,4 отсто.

Од почетокот на 2014 во континуитет расте и индустриското производство, а растот на извозот во април достигна раст од 15,1 отсто, споредено со истиот период лани.

Македонската економија во 2014-та според Народната Банка ќе се зголеми за 3,7 отсто, според Владата, првично беше планиран раст од 3,2 отсто, но најавено е дека границата на раст ќе биде поместена до 3,5 отсто, што е идентично со проекцијата на ММФ. Според Светска Банка, пак, растот кој државава би требало да го регистрира ќе достигне 3 отсто.

 

17.06.2014 - 11:01
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега