МТСП обезбеди 500 помагала за слепите лица

 

MИнистерството за труд и социјална политика обезбеди петстотини помагала од кои 50 звучни топломери и 50 звучни апарати за мерење крвен притисок, 100 рачни тактилни часовници (броеви), пакети на игли за шиење и вденувачи за конец за игли, 50 говорни кујнски ваги за домаќинства, 50 говорни индикатори, наменети за Националниот сојуз на слепи лица на Република Македонија. Помагалата кои ги обезбеди Министерството вредат вкупно 800.000 денари.

Претседателот на Националниот сојуз на слепи лица Жарко Селковски на примопредавањето на помагалата изрази задоволство од донацијата и рече дека тие се од големо значење бидејќи слепите лица ќе можат самостојно да ги користат.

- Верувам во огромното разбирање на министерот и Владата и дека ќе ја  продолжиме соработката со Министерството за труд и социјална политика во набавка на други помагала, како и во други области меѓу кои е и изградба на дневен центар, дом на слепи лица ..., рече Селковски.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна дека Министетерството има континуирана соработка со Националниот сојуз на слепи лица и укажа на најзначајните мерки кои се спровеле изминатиот период. Тој најави дека ќе продолжи континуираната набавка за различни помагала кои се потребни за слепите лица.

- Многу малку од нас знаат како слепите лица дознаваат колку е часот или како ја мерат грамажата во сопствените кујни, како го мерат својот притисок или пак телесна температура. Токму поради тоа ги набавивме овие помагала за кои што имаат потреба. Ова е едно долгогодишно барање на Националниот совет за слепи лица за континуирана набавка на оваа опрема која што треба да им го олесни секојдневието на овие наши сограѓани, рече Спасов.

Спасов потсети дека Владата покрај овие активности што ги прави за слепите лица го воведе и додатокот за слепило кој во моментов го остваруваат 2.500 лица во висина од 7.000 денари месечно. Најави и наскоро отворање на дневниот центар за слепи деца.

- Очекувам до септември да биде отворен и првиот дневен центар за слепи дечиња во Скопје, а за 2015 година планираме и дневен центар за слепи во Велес. Започнавме со постапка за снимање на повеќе од 400 аудио книги од најразличен карактер кои треба да им го олеснат секојдневието, како и постапка за изградба на патеки од седиштето на Сојузот на слепи до централното градско подрачје, рече Спасов. 

13.06.2014 - 15:42
Фото: 
МИА
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега