ЦЕФА избра ново раководство
Бизнисот да ги искористи можностите на саемската индустрија, која е огледало на состојбите во економиите и моќна маркетиншка алатка која не нуди само изложбен простор, туку и ги обединува компаниите со потрошувачите,порачаа учесниците на годинешното генерално собрание на Алијансата на саеми од Централна Европа (ЦЕФА), што се одржа денеска во Скопје.
Учесниците на собранието на ЦЕФА, чиј претседавач годинава е Скопски саем, ги анализираа состојбите и предизвиците на саемската индустрија и избраа ново раководство. Нов претседател на ЦЕФА е Јиржи Кулиш, извршен директор и заменик-претседател на УО на Саемот во Брно, а за генерален секретар Јанош Барабаш, извршен потпретседател на Хунгекспо и заменик-претседател на Унијата на меѓународни саеми.
Според извршните директори на саемите-членки во ЦЕФА, економската криза во најпогодените сектори се одразила и на изложбената индустрија и во вакви услови уште поважна станува размената на знаења, know-how и искуства, особено во време кога буџетите за маркетинг се редуцирани а клиентите до своите целни групи стигнуваат преку социјалните медиуми.
Извршниот директор на Виенскиот саем, Матијас Лимбак вели дека компаниите бараат нови приходи и зделки, а задача на саемите е да испорачаат нови можности и заедно со нив да вложат многу повеќе напори како да привлечат посетители и што да нудат како додадена вредност кога доаѓаат на саемите.
- Имаме широка лепеза на понудувачи и тоа се можности да се дојде во допир со нови производи и услуги, иновации, како и можност да се присуствува на работилници или конгреси или да се добијат најнви информации или слични содржини, вели Лимбак.
Франц Рајзберг, досегашниот генерален секретар на ЦЕФА посочи дека добрите меѓународни саемски манифестации не се евтини, но вреди да се изложува на нив бидејќи се професионално организрани.
- Ние треба да ги споиме, односно да ги комбинираме и новите дигитални алатки коишто го менуваат деловното работење со овие потрадиционални алатки кои опфаќаат и комуникација лице в лице. Навистина сме убедени дека комуникацијата лице во лице не може да биде сосема заменета никогаш, како на пример со интернет алатки. Една од целите на ЦЕФА е да ги промовира саемите како алатка и внатрешно да ја подобри делотворноста преку обука на вработените и размена на искуства. Во таа насока Скопски саем имаше доста големи достигнувања и успеа да го прошири членството со претставници од Албанија и од Грција, што е добар пример за надминување одредени политички проблеми преку соработка на економски план, рече Рајзберг.
Лимбак појасни дека закупот на просторот за изложување, е само 20 проценти од трошоците, а останатите се давачки се за изработка на изложбениот простор и за дневници на презентерите.
- Наша мисија не е да обезбедуваме само саемски или изложбен простор, туку да спојуваме понудувачи и купувачи, наведе Лимбак.
ЦЕФА обединува 26 членки со 23 саемски простори во 17 држави, од кои 23 со полноправно членство. Саемските простори заедно располагаат со околу милион метри квадратни внатрешен и 1,3 милиони метри квадратни надворешен простор. Во просек членките на ЦЕФА годишно имаат по 420 настани, 135.000 изложувачи, над 9 милиони посетители и обрт од околу 500 милиони евра.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа