Маја е добро - човекот што ја повреди непожелен во МКЦ и Милениум
Младинскиот културен центар во Скопје се огласи за несреќата што се случи во понеделникот на концертот на бендот „Сепултура“, кога врз студентка падна човек кој се качил на држачот на рефлектори, на висина од 5,5 метри.
-Младата студентка Маја, која пред три дена беше повредена на концертот во ЈУ МКЦ, вчера, во добра здравствена состојба го напушти Клиничкиот центар и замина во својот дом во Битола. Во изминатите денови, МКЦ заедно со семејството на Маја и лекарскиот тим бевме фокусирани на закрепнувањето на Маја, бидејќи здравјето на Маја беше единствениот приоритет. Токму од овие причини, свесно ги одбегнувавме сите коментари и шпекулации што кружеа во јавноста. МКЦ искрено жали за немилиот настан. И покрај фактот што не бевме организатори на настанот, како на овој, така и на сите останати настани во МКЦ, секогаш, без исклучок, безбедноста на граѓаните и изведувачите ни е на прво место. Би сакале да истакнеме, дека и од страна на организаторот на овој концерт, истото беше апсолутно професионално почитувано и спроведено. Во овој контекст, индивидуата што го предизвика овој инцидент јавно ја прогласуваме за непожелна на сите настани во ЈУ МКЦ и киното Милениум. Нему, но и на сите други што нема да ги почитуваат нашите безбедносни правила и прописи, исто така ќе им биде забранет влез на настаните во ЈУ МКЦ и киното Милениум, се вели во соопштението на МКЦ.
Во понеделникот вечерта, околу 23:30 часот, пред концертот на „Сепултура“, гостин од публиката кој се качил на метален држач за рефлектори, изгубил рамнотежа и паднал врз студентката Маја од 5,5 метри височина. Невнимателниот гостин станал и си заминал.
Маја итно беше пренесена во скопскиот Ургентен центар.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа