Бесими: Проширувањето да се најде на агендата на следниот претседавач со ЕУ
Вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими денеска оствари средба со заменик-министерот за надворешни работи на Република Италија Бенедето Дела Девода.
Според информациите од СЕП, на средбата главен акцент бил ставен на приоритетите на италијанското претседателство со Европската Унија која започнува од јуни и ќе трае до декември 2014 година. Девода истакнал дека политиката на проширување е еден од врвните приоритети на Република Италија и оти сериозно ќе се ангажираат за поддршка на земјите од Западен Балкан за побрзо членство во ЕУ.
Девода истакнал дека ќе ја поддржуваат Македонија во нејзините напори за надминување на отворените прашања и во заложбите на македонската Влада за започнување на преговорите за членство со ЕУ.
Вицепремиерот Бесими ја поздравил нивната подготвеност за поддршка во текот на нивното претседавање со ЕУ за приклучување на Западниот Балкан во ЕУ, додавајќи дека Европската унија е главен стратешки приоритет за Република Македонија и дека нашата земја силно е посветена кон спроведување на реформите и исполнување на критериумите за членство во Унијата.
Двајцата соговорници разговарале и за можностите за продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји како на економски така и на културен план преку интензивирање на економската соработка и преку размена на културните практики на двете земји. На средбата било истакнато дека соработката може да продолжи и во однос на јакнење на капацитетите на македонската администрација во делот на владеење на право, јавните набавки, земјоделство и рурален развој, енергетика, јавното здравје, финансиската контрола и друго.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа