МЕПСО гради двосистемски далновод во Битола

 

АД МЕПСО денескa стартуваше со поставување проводници од новиот двосистемски 110 кВ далновод кој ги поврзува трансформаторските станици ТС Битола 3 до ТС Битола 4, инвестиција вредна 2,3 милиони евра, која опфаќа изградба на 12 километри комбиниран далновод поставен на 44 столбни места и дополнителни 600 метри подземен двосистемски кабел.

Станува збор за претпоследната фаза од реализацијата на овој проект во кој се поставуваат проводниците на трасата, а потоа ќе бидат поставени интегрирано заштитно громобранско и оптичко јаже за трансфер на податоци, објасни портпаролото на АД МЕПСО, Никола Стојанов на денешната прес-конференција во Битола. 

- Овој далекувод, системски е многу важен, бидејќи со него ќе создадеме енергетски прстен околу трите битолски трансформаторски станици кои се на преносната мрежа. Со овој проект воедно значително ќе ја зголемиме доверливоста на нашиот електроенергетски систем и стабилноста на нашата преносна мрежа, истакна Стојанов.
 
Стојанов потврди дека во функција на проектот, веќе се изградени и опремени со високонапонска опрема 5 далекуводни полиња од кои 2 во трансформаторските станици Битола 2 и Битола 3 и едно далекуводно поле во ТС Битола 1.
 
- Во пелагонискиот регион се наоѓа најголемиот производител на електрична енергија во нашата држава, а со енергетскиот прстен околу Битола ќе ги сведиме на нула сите можни ризици од испад и без напонски состојби, истакна портпаролот Стојанов.
 
Од АД МЕПСО информираат дека во текот на вчерашниот ден е објавен меѓународен тендер за избор на консултант за изработка на проектите што се наопходни за да се реализира проектот за електроенергетско поврзување меѓу Битола и Елбасан, Албанија.

12.06.2014 - 11:55
Фото: 
Лидер
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега