Меркел: Германија сака да соработува со Македонија
Германија сака да соработува со Македонија и ќе ме радува доколку во наредниве месеци дојде до решение на проблемот со името, вели германската канцеларка Ангела Меркел.
- Ние сакаме со Македонија разумно да соработуваме и секако ќе ме радува доколку во наредниве месеци дојде до решение на проблемот со името. Тоа е нешто во што не успеавме. Тоа не зависи само од Македонија, но зависи и од - Македонија, истакна Меркел на вчерашната заедничка прес-конференција со српскиот премиер Александар Вучиќ во Берлин, одговарајќи на прашање на Дојче веле какви се нејзините очекувања од новата македонска влада.
Меркел потврди дека на 28. август Берлин ќе биде домаќин на конференцијата на земјите од Западен Балкан.
- Очекувањата од конференцијата се дека со неа ќе придонесеме прво подобро да се запознаеме, зашто и ние во Германија не знаеме се’ за проблемите на земјите од регионот. Второ - да се засили соработката во регионот, особено кога станува збор за прекугранични проекти. И секако со неа (конференцијата н.з.) да се придонесе во доближувањето на целиот регион кон Европската унија. Нашата претстава е секоја година друга членка на Унијата да организира ваква конференција. За идната година е договорено тоа да го направи Австрија. Значи ќе има и конференција која ќе следува, рече Ангела Меркел.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа