Средба Бесими-Кас Грање - евроинтеграциите остануваат стратешки приоритет на Владата
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија, Фатмир Бесими денеска се сретна со директорот во Директоратот за проширување на Европската Комисија, Александра Кас Грање.
Како што соопшти кабинетот на вицепремиерот на средбата беа разменети мислења за заложбите и достигнувањата на Владата на Република Македонија во поглед на евроинтегративниот реформски процес, како и на вкупната политичка постизборна состојба во државата.
Вицепремиерот Бесими истакна дека евроинтегративниот процес останува стратешки приоритет и на новата Влада на Република Македонија, која е во процес на формирање.
На состанокот тој го даде своето уверување дека Република Македонија и во наредниот период ќе продолжи посветено да работи во реформските процеси, унапредувањето на односите со соседите и земјите од регионот, како и имплементација на Охридскиот рамковен договор и негувањето на меѓуетничкиот соживот како позитивно обележје на нашето општество.
Бесими, исто така, укажа дека Владата на Република Македонија ја усвои ревидираната Национална програма за усвојување на правото на Европската унија - НПАА, како поширока национална платформа за процесот на пристапување. Таа е резултат на масовна инклузивност, висок капацитет и способност на македонската администрација за планирање на процесот и покрај отсуство на скрининг и датум за почеток на преговори, што претставува потврда дека Република Македонија е подготвена за отпочнување на преговорите како и преминување во втората фаза од ССА.
Заменик-пПретседателот во текот на состанокот нагласи дека Владата на Република Македонија како и националните ИПА структури се посветени на подобрување на ефикасноста и ефективноста на воспоставениот децентрализиран систем за спроведување на ИПА. Оттука, стои во соопштението, со дефинирање на конкретни мерки и рокови директно се работи на подобрување на работењето на овие структури како и редовно следење на направениот напредок од страна на Владата на Република Македонија.
Во разговорите посебен акцент беше ставен на програмирањето и неодамна усвоената законска рамка од Европската Комисија за ИПА 2, 2014-2020, вкучувајќи ги и следните чекори за консултации на Рамковната спогодба, чие потпишување е потребно да се заокружи до крајот на 2014 година, со што ќе се овозможи отворање на простор за склучување на поединечните финансиски спогодби.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа