Внимавајте на измами за работа во Америка - Тетовчанка останала на улица во Меин
Две девојки и едно момче од Источна Европа на 21-годишна возраст, меѓу кои и Александра Мирчевска од Тетово, биле измамени од агенцијата која ги пратила на привремена работа во Јорк, сојузната држава Меин во САД, пренесе Телеграф.мк.
Како што објаснува Пет Конер, копретседавачка на Програмата за сезонски работници на Јорк, оваа недела пристигнале тројцата сезонски работници, меѓу кои и Александра од Тетово, и откриле дека нивното договорено место за престој не постои.
- Нивното договорено домување беше измама. Агенцијата што ги испраќа тука би требало да го договори тоа – вели Конер.
Според неа, таа воопшто не ги знаела имињата на момчето и на двете девојки, студенти кои пристигнале во Соединетите Американски Држави со J1 студентска виза. Тие имале договорено вработување, но од петокот немаат каде да живеат. Конер вели дека дознала за нивниот проблем од нивниот работодавец Џејмс Вудхаус од ресторанот „GiGi’s“, кој ја побарал за помош.- Дадов неколку идеи за луѓето кои може да ги контактираат или, пак да побараат помош од нашата контактна група – вели Конер, која испратила е-пошта до сите жители во областа што се вклучени во програмата за сезонска работа.
Вудхаус бил недостапен за коментар, а сопственикот на „GiGi’s“, Р.Џ. Џојс, во петокот рекол дека работниците треба да пристигнат.
Според Конер, Програмата за сезонски работници на Јорк не била воспоставена за да наоѓа домување за сезонските работници и не сака да ја преземе таа улога.
- Не сакавме да објавуваме места за живеење, а ако решиме да го правиме тоа, би требало да преземеме одговорност. За тоа се надлежни агенциите кои се спонзори, за што работниците плаќаат илјадници долари за да дојдат овде и да им биде обезбедено место за живеење – вели Конер.
Сепак, членовите на Програмата често се наоѓаат во ситуација да им помагаат на странските работници кои се далеку од дома и немаат други ресурси.
- Кога работите не излегуваат како што е планирано, каде е одговорноста? Агенцијата смета дека се одговорни луѓето во земјата кои ветувале домување кога не требало да ветуваат. Некои агенции се поодговорни при помошта за овие деца – вели Конер.
Голем дел, од 40 до 50 странски работници во Јорк пристигнуваат од познатиот Совет за меѓународна образовна размена (CIEE) во Портланд, вели Конер. Според неа, тројцата студенти кои немаат домување склучиле договори со непозната агенција надвор од Њујорк.
- Тешко е. Тие доаѓаат со договор и со обврска. Откако ќе пристигнат и откако ќе дознаат дека местото каде што живеат не е како што им е прикажано претходно, тие навистина се заглавени – вели таа.
Ова се случило и пред две години кога работниците биле сместени во соба полна со мувла и влага.
- Тоа беше ризично за здравјето. Се сретнав со овие деца. Тие навистина не знаеја што да прават. Не добиле многу помош од нивната агенција. Јас се потрудив да им најдам соба во мотел, која ја делеа – вели Конер.
Минатата година Милица Лукиќ од Србија одела од врата до врата за да побара сместување откако дознала дека куќата каде што требало да престојува претходно била продадена. Таа привремено била сместена во гостинската куќичка, изјавила Лукиќ минатата година, додека не нашла друго сместување. Локалните жители Гиљермо и Алис Лареа од Њујорк ја сместиле во својот дом.
Студентите плаќаат околу 100 долари неделно за сместување, но повеќето од мотелите наплаќаат повеќе за време на летото.
- Во Јорк секогаш било тешко и скапо за живеење за деца – вели Конер.
Програмата за сезонски работници на Јорк била воспоставена од Форумот за диверзитет на Јорк за да им помогне на работниците првично со тоа што им позајмува велосипеди за транспорт и организирајќи вечери на кои можат да се среќаваат и со другите жители. Првата вечера била одржана од 17 до 19 часот во понеделник, на 23 јуни, на горниот кат во противпожарната станица во Јорк.
Телеграф.мк/Извор: seacoastonline.com
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа