Ставрески: Добри економски политики за раст на домашните компании
Поддршката за домашните фирми ќе продолжи и во наредниот период, пари во буџетот доволно има, економскиот раст е остварлив, а инвестициите и капиталните проекти ќе ја водат економијата напред. Ова во интервју за МРТ го изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
- „Ако сакаат да отворат ново работно место за лица што се помлади- ќе добијат ослободување од придонесите, ако го задржат уште 12 месеци. Ако сакаат кредит, ќе добијат нови 100 милиони евра по каматна стапка од 5,5 проценти што е субвенционирана од буџетот. Ако сакаат да инвестираат има и други продукти во Македонската банка за поддршка на развојот, кои ќе им помогнат да инвестираат во машини, опрема и слични, и да извезуваат. Најнизок данок во Европа ќе плаќаат и понатака. Добивката ќе биде ослободена од оданочување“, изјави Ставрески.
СТаврески најави и богат спектар на мерки кој понатаму ќе се доградува согласно дијалогот со бизнисзаедницата.
„Согласно динамиката која е најавена во програмата ќе течат сите мерки коишто се предвидени. Значи на почетокот се оние кои ги најавивме, а тоа ќе биде отписот на долгови, даночните ослободувања и она што е предвидено во програмата да се реализира во текот на оваа година. Меѓутоа, ќе работиме и работиме веќе на сите други мерки – се што е зацртано во програмата мора целосно да се исполни“, нагласи Ставрески.
Растот на економијата и отворањето нови работни места остануваат во фокус на новата Влада. Ставрески тврди растот ќе го движат новите инвестиции, и домашни и странски.
„Токму затоа и кадровски се зајакнува Владата во тој дел, преку поголем број министри коишто ќе бидат директно одговорни за носење на странски инвестиции и со продолжување на добрите политики што ги имавме и досега“, вели Ставрески и додава дека ако претходно се отвориле 119.000 работни места со помош на приватниот сектор, нема причина да не веруваме дека и сега е возможно да се отворат 64.000 работни места.
Ставрески уверува дека буџетот е добро проектиран и дека средства има за сите мерки, може да ги издржи сите зголемувања, а воедно да обезбеди и поддршка за фирмите, но и да обезбеди должничка стабилност на земјата.
„Јавноста знае дека ние програмата ја правиме на еден начин што е многу аналитички со точни пресметки што можеме да направиме. Мериме, проценуваме, пресметуваме пред да ветиме“, истакна Ставрески во интервјуто за МРТ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа