Вељаноски: Референдум за барањата на Достоинство нема да има
Беспредметни и незаконски се барањата на Достоинство за одржување на референдум, преку соопштение одговори претседателот на Собранието Трајко Вељаноски на иницијативите доставени од Стојанче Ангелов.
„За сите четири иницијативи поединечно, овластениот предлагач на предлозите на граѓаните Стојанче Ангелов, е известен дека Собранието не може да распише референдум на државно ниво, односно по сила на закон доставените предлози се беспредметни.
Иницијативите за распишување референдум не се во согласност со закон. Имено, во членот 28 став 1 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните („Службен весник на Република Македонија“ број 81/2005 и 50/06), таксативно се наброени прашањата за кои не може да се распише референдум на државно ниво, а тоа се прашањата што се однесуваат на: Буџетот на Република Македонија и завршната сметка на Буџетот, за јавните давачки, за резервите на Република Македонија, за прашања на изборите, за именувања и разрешувања.
Исто така, во членот 28 став 3 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните („Службен весник на Република Македонија“ број 81/2005 и 50/06) прецизно и недвосмислено е утврдено дека референдум на државно ниво не може да се распише за прашања за кои Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонијата.“, стои во соопштението на Вељаноски.
Стојанче Ангелов бараше граѓаните на референдум да се изјаснат - дали се ЗА или ПРОТИВ, функционери на ОНА да бидат дел од извршната власт, да се изјаснат за територијалната организација, за автентичното толкување на законот за амнестија и за посебните права за борците од ОНА.