Џафери: МО има јасно поставени цели-отворена и ефективна комуникација со граѓаните

 

Денеска министерот за одбрана Талат Џафери ја отвори Конференцијата за стратешки комуникации во Домот на АРМ, каде што нагласи дека Министерството за одбрана е насочено кон ефикасно практицирање на транспарентноста и навременоста како водилки кон пренесување на суштинските пораки кон јавноста. Ваквиот настан беше поддржан од страна на МО и Центарот за безбедносна соработка (РАЦВИАЦ).

- Министерството за одбрана, како институција која донесе Стратегија за стратешки комуникации има јасно поставени и дефинирани цели-отворена и ефективна комуникација со граѓаните на Република Македонија, почитувајќи ги принципите на веродостојност, разбирање, дијалог и единство, рече министерот Џафери, додавајќи оти коорганизирањето на оваа конференција покажува и дека МО и Република Македонија во целост се посветени кон суштинските елементи во процесите на комуникација, што доведува до забрзан развој и постојано унапредување.

На конференцијата свој говор имаа и директорот на РАЦВИАЦ, амбасадорот Бранимир Мандиќ и портпаролот и раководител на односи со јавноста во ОБСЕ, Кети Бартон.

Мандиќ потенцираше дека стратегиските комуникации се комплексно и софистицирано прашање и посочи дека првиот чекор за да се разбере нејзиниот потенцијал во придонесувањето во националната безбедносна стратегија е правилно да се сгати како компонента во стратегискиот национален процес. 

За портпаролот и раководител на односи со јавноста во ОБСЕ Бартон фактот што МО е коорганизатор на конференцијата е многу важен сигнал дека државата е заинтересирана и отворена за нови начини и аспекти на комуникација со јавноста.

- Овој начин на комуникација е многу важен во изградбата на демократијата и на довербата со јавноста. Многу е важно, без разлика дали се работи за западните или за источните земји, да се гради соработка помеѓу политичарите и новинарите, изјави меѓу другото Бартон.

Целта на конференцијата е да се направи своевидна слика на стратешките комуникации, да се утврдат нивните цели и предизвици, да се развијат принципи-водилки, како и да се утврди позицијата на јавните сервиси во однос на стратешките комуникации.

најчитано сега