Груевски го достави предлогот за новата Влада до Собранието

 

Mандатарот за составот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски до Собранието на Република Македонија го достави Предлогот за состав на Влада на Република Македонија и Програмата на Владата на Република Македонија 2014-2018, информира денеска претседателот на македонското Собрание, Трајко Вељаноски.

Согласно деловничките можности, седницата на Собранието на која точка на Дневниот ред ќе биде Избор на Владата на Република Македонија ќе се одржи на 19 јуни 2014 година.

-Констатирајќи го споменатото, а потврдувајќи ја определбата за доследно почитување на Уставот и на законите, и во оваа прилика, како и во претходните наврати, сосема искрено ги повикувам колегите пратеници од опозицијата да ги земат во предвид интересите на Република Македонија и да дојдат во Собранието. Сигурната европска и евро-атлантска иднина на Македонија е наша заедничка цел, обврска и предизвик, а токму Парламентот е местото каде тоа можеме со здружени сили најдобро да го направиме, истакнува спикерот Трајко Вељаноски.

Јасно изразената волја на граѓаните на последните избори, додава Вељаноски, освен што го одреди победникот, беше одраз на силната демократска свест на сите наши граѓани, партиите, независно од бројот на освоените мандати, да делуваат единствено во демократските институции, чиј врв е Собранието на државата.

08.06.2014 - 10:36
Фото: 
Влада
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега