Клиниката за неврологија доби два нови апарати
Министерот за здравство Никола Тодоров, денеска оствари посета на Клиниката за неврологија каде се поставени и веќе функционираат два нови апарати - транскранијален доплер и апарат за промена на плазма. какви досега немало во јавното здравство.
Министерот Тодоров објасни транскранијалниот доплер е апарат кој ќе помогне во превенцијата, детектирањето, а потоа, поради добра дијагностика и во третманот на мозочните удари и патологијата која е предмет на работа на оваа Клиника. Другиот апарат за промена на плазма, рече Тодоров, е апарат кој исто така го немало досега на Клиниката, а пациентите на кои им била потребна промена на крвна плазма биле третирани на Клиниката за нефрологија на апаратите за дијализа, со што се пречистувалe само 40 проценти од плазмата. Со новиот апарат се прочистува 80, а потоа и 100 проценти од плазмата.
- Очекувам дека со овие два апарати кои веќе се ставени во функција ќе се намали листата на чекање која ја има на Клиниката за кардиологија, односно се чека подолго време бидејќи има потреба ваков тип на преглед на повеќе клиники, а исто така ќе се зголеми и точноста на дијагностицирањето. Очекувам дека овие апарати ќе се користат интензивно на Клиниката за неврологија и дека на таков начин ќе се подигне нивото на квалитетот на услугите, изјави Тодоров по посетата на Клиниката.
Двата нови апарати вредат околу шест милиони денари.
4.000 пациенти годишно добиваат мозочен удар, а инциденцата на невролошки заболувања е од 200 до 300 на 100.000 жители, велат податоците на Министерството за здравство во Македонија.
- Ова е една од пофреквентните клиники. За жал кардиоваскуларните заболувања се причина број еден за смртност во Македонија, како и во Европа. Оваа Клиника е фреквeнтна и затоа е потребно постојано да се набавуваат нови апарати кои ќе помогнат за полесна, побрза и поточна дијагностика, истакна Тодоров.
За очекување е, додаде тој, како старее населението бројките постојано да се зголемуваат.
Одговарајќи на новинарско прашање министерот Тодоров истакна дека сите доктори на клиниките за препраќање од една во друга клиника треба да издаваат интраспецијалистички упати, а не да ги враќаат пациентите кај матичните лекари за нови упати.
- Министерството постојано е во комуникација со докторите, започната е и нова пракса, а тоа е да им се испраќаат СМС-пораки со кои се информираат за некои од можностите на системот „Мој термин“. На одредени доктори веќе им е испратена порака со објаснување токму на оваа тема. Укажано им е дека за препраќање на пациентите од една во друга клиника не е потребно да ги враќаат кај матичните лекари, туку дека во рамки на системот треба да издадат интраспецијалистички упати помеѓу две клиники, рече Тодоров, додавајќи дека на ваков начин ќе се намали малтретирањето на пациентите, но и ќе се зголеми ефиканоста во целиот здравствен систем.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа