Повторно уживање и забава - Градска Плажа „Парк“ официјално се отвора на 4 јуни

Градската Плажа „Парк“, која се наоѓа на кејот на Вардар веднаш зад дискотеките во градскиот парк во Скопје, од 4-ти овој месец  ќе почне да работи со сосема нов концепт, но и со променет изглед.

- Долго време се работеше на плажата, на нејзината конструкција, но и на начинот на кој ќе функционира ова летно катче каде што скопјани ќе можат секојдневно да уживаат во спортско-рекреативни активности како и во различна музичка програм, велат од тимот кој стои зад Градска Плажа „Парк“.

Денска и ноќна шема, достапни цени за сечиј џеб како и музика од сите жанрови е она што плажата ќе им го понуди на граѓаните. Опуштен понеделник со реге музика, баскет во среда или пак хаус журка во сабота, изборот останува на посетителите.

Свеченото отварање е на 4 јуни со почеток во 20:00, влезот е бесплатен, а за посетителите да бидат разиграни ќе се погрижат голем број бендови и диџеи од Македонија кои ќе направат забава до доцна во ноќта. За забава ќе се погрижат и уличните артисти, учесници на Баскерфест 2014 кои ќе го најават и почетокот на Фестивалот во Скопје, кој е закажан за 6 јуни, а ќе трае се до 14 јуни.

Од менаџерскиот тим на плажата посочуваат дека е планирано еднаш месечно да се одржува по еден поголем настан со познати музички имиња од странство, а од понеделник до недела секојдневно се планирани различни тематски забави. Покрај тоа за сите рекреативци во паркот и на кејот на плажата постои место за продажба каде што ќе можат да се освежат и да одморат по рекреирањето.

02.06.2014 - 14:47
Фото: 
новамакедонија
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега