Велешани правеле пустош на бензинска

СВР Велес поднесе кривични пријави против шест велешани од кои еден малолетник, за сторени кривични дела „разбојништво“.

Како што информира денеска на прес-конференција портпаролот на СВР Велес Анита Стојковска, пријавите се поднесени поради основи за сомнение дека сторителите во два наврата ја ограбуваа бензинската пумпа на „Мак Петрол“, на 29 декември 2013 година и на 26 март 2014.

На пумпите лоцирани на улиците „Алексо Демниевски“ и „Димитар Влахов“ со закана со нож, од вработените одзеле вкупно 126.359 денари. 

- О.Т (23) , Ѓ.Д. (26) и Ѓ.С. (25), сите од Велес, на 29 декември 2013 во три часот влегле во бензинската пумпа „Мак Петрол“ на улицата „Димитар Влахов“ и со закана со нож од вработениот одзеле ташна со 42.359 денари. О.Т., кој е првопријавен и во претходната кривична пријава, С.М. (22) и В.А. (20) сите од Велес, како и малолетникот Р.С. (17) од Велес, на 26 март 2014 во 4:20 часот се упатиле кон бензинската пумпа „Мак Петрол“ на улицата „Алексо Демниевски“  и со закана со нож од вработената одзеле 84.000 денари, рече Стојковска.

Пријавените кои и претходно и биле познати на полицијата за сторени кривични дела, вчера се изведени пред надлежен суд по што им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена. Спроведени се во Истражен затвор Скопје

29.05.2014 - 10:51
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега