Еве кои скопски општини беа најпогодени од невремето

Скопските општини Гази Баба, Центар и Аеродром беа најмногу погодени од невремето кое што синоќа го зафати главниот град на Македонија. Штетите кои беа нанесени денеска ги истакна таткото на градот Скопје Коце Трајановски на седницата на Координативното тело на градоначалниците на останатите општини. 

- Екипите на Град Скопје, на сите јавни градски претпријатија, во соработка со Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за транспорт и врски, работеа до раните утрински часови за да се отстрани насобраната вода на критичните точки и да се овозможи нормален проток на сообраќајот, рече Трајановски.

Трајановски информираше дека досега штети пријавиле 90 граѓани, со кои било контактирано синоќа и денеска.  

- Во пресрет на најавеното невреме за денеска со моите колеги градоначалници се договоривме сите скопски општини да ги активираат своите кризни штабови и да се вклучат во активностите за расчистување на евентуалните последици, рече Трајановски.

Тој појасни дека екипи на јавните претпријатија се веќе на терен и оти се подготвени да не дозволат насобраната вода да предизвика штети.

- Сметам дека сме подготвени да се справиме со последиците од евентуалното невреме, изјави по средбата Трајановски.

Потсети дека од поплавените подвозници, по синоќешното невреме се извлечени седум автомобили, кои им се предадени на сопствениците. Упати апел граѓаните да не фрлаат отпад во канализација за, како што рече, да се овозможи правилно функционирање на атмосферската канализација.

- Град Скопје и ЈП „Водовод и канализација“ веќе прават анализи на кои критични точки треба итно да се зголеми профилот на атмосферската канализација за да се олесни протекувањето на водата по обилни дождови, рече Трајановски.

26.05.2014 - 15:39
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега