Каква е состојбата во Скопје по големото невреме?

Состојбата во Скопје е стабилна по силното невреме што синоќа го зафати градот, во кое наврнаа 37 литри на метар квадратен.

Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски за денеска свика итна седница на Координативното тело на градоначалници од Скопје, на која ќе се разговара за санирање на последиците од синоќешното невреме. На средбата, што ќе се одржи напладне, ќе присуствуваат и директорите на јавните градски претпријатија и претставници од Противпожарната бригада. 

Како што соопшти ДЗС, за санирање на поплавените подрачја  била ангажирана една дизел пумпа со моќност на испумпување од 3.000 литри во минута во текот на ноќта кај подвозникот во Триангла (поранешна кланица), а преку 20 пумпи со моќност од 110 литри во минута беа искористени на повеќе од 100 локации низ градот Скопје. Најкритични места беа подвозникот кај стоковна куќа Мост, подвозникот кај Општината Гази Баба, Детската клиника, Македонски народен театар, хотел Континентал и кај улицата „Јордан Мијалков“ на која екипа на ДЗС и ЈП Водовод и канализација ја испумпуваа водата до рано наутро.

По невремето, до Градскиот штаб за заштита и спасување беа пријавени над 70 случаи за штети од поплавите, но нема пријави за повредени лица, туку само за причинета материјална штета. Екипите на ЈП „Паркови и зеленило" интервенираа во 11 случаи за отстранување паднати дрвја.

До утрово целосно е санирана штетата од поплавите кај подвозникот кај Стоковната куќа „Мост“, каде што беа заглавени повеќе возила и лица, кои беа безбедно евакуирани. Екипите успешно интервенираа и на поплавите кај кружниот тек пред хотелот Континентал, на влезот во Општина Гази Баба, кај булеварот „Кочо Рацин“ (во близина на МТВ), и на булеварот „Киро Глигоров“.  Од утрово сообраќајот во градот се одвива нормално.

Отворени се и телефони на кои граѓаните може да пријавуваат штети предизвикани од поплавите во Скопје - 02/ 3073010, 02/ 3297295, 02/ 3297204. 

26.05.2014 - 10:38
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега