Кризниот штаб се бори со поплавите

По обилните врнежи на дожд што синоќа го зафатија подрачјето на Скопје, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, го мобилизираа Градскиот штаб за заштита и спасување, коj на средбата ги утврди приоритетите за расчистување на насобраната вода на сообраќајниците и за санирање на штетите.

 Градскиот штаб за заштита и спасување, во соработка со Дирекцијата за заштита и спасување, сите јавни претпријатија на Градот Скопје и Противпожарната бригада на Град Скопје, веднаш почна да дејствува на терен.

 Веднаш беа активирани повеќе од 300 луѓе и целокупната механизација која е на располагање на јавните градски претпријатија и на Противпожарната бригада. Екипите интервенираа на сите критични точки (поплавени места) и ги санираа штетите. Прво се интервенираше на расчистување на булеварите и улиците во Скопје, а во втората фаза се работеше на испумпување на водите од објектите.

 Отворени се и телефони на кои граѓаните може да пријавуваат штети предизвикани од поплавите во Скопје - 02/ 3073010, 02/ 3297295, 02/ 3297204.

 По невремето, до Градскиот штаб за заштита и спасување беа пријавени над 70 случаи за штети од поплавите, но нема пријави за повредени лица, туку само за причинета материјална штета. Екипите на ЈП „Паркови и зеленило" интервенираа во 11 случаи за отстранување паднати дрвја.

 До утрово целосно е санирана штетата од поплавите кај подвозникот кај Стоковната куќа „Мост“, каде што беа заглавени повеќе возила и лица, кои беа безбедно евакуирани. Екипите успешно интервенираа и на поплавите кај кружниот тек пред хотелот Континентал, на влезот во Општина Гази Баба, кај булеварот Кочо Рацин (во близина на МТВ), и на булеварот Киро Глигоров.  Од утрово сообраќајот во градот се одвива нормално.

 Покрај поплавите на овие црни точки, до Градскиот штаб за заштита и спасување пријавени се и повеќе случаи на поплавени подрумски простории, како и паднати дрвја од големото невреме.

 

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски до раните утрински часови на терен ги следеше и координираше активностите на екипите на Градскиот штаб за заштита и спасување.

 

 

 

26.05.2014 - 10:12
Фото: 
мрт
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега