НАТО објави за посетата на Расмусен во Скопје
Прес-службата на Северно-атлантскатга алијанса од Брисел, денеска објави соопштение за посетата на генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, во Скопје и Црна Гора.
Притоа, како што јавува дописникот на МИА од Брисел, во насловите на информациите, Алијансата целосно го избегнува именувањето на нашата земја, дури и со привремената референца бивша југословенска Република Македонија, па во однос на посетите на својот секретар информира дека „Рамсмусен ги посети Црна Гора и Скопје”.
Користењето на името на главниот град наместо на државата, кога станува збор за Република Македонија е неретка пракса, како во НАТО, така и во Европската унија. Па, така и сега, иако Црна Гора е насловена со своето име на државата, за Македонија не е употребана ниту привремената референца, туку само главниот град, што често го прави и лично Расмусен во неговите изјави.
Но, на претходна забелешка на дописникот на МИА од Брисел дали во нашиот случај имаме случај на евро-атлантска интеграција само на град наместо на цела држата, упатена на прес-конференции директно до генералниот секретар на Алијансата, но и до еврокомесарот за проширување на ЕУ, Штефан Филе, кога употребуваат само „Скопје”, наместо „Македонија”, двајцата високи преставници на овие две организации употребиле идентичен одговор:„Се знае на што мислиме”.
За разлика од Унијата, НАТО секогаш, па и во телото на текстот за посетата на Расмусен „на Скопје”, покрај именувањето на нашата држава со целата привремена референца, наведена е и ѕвездичка со напомена дека Турција, како сојузник на Алијансата, ја нарекува нашата земја со нејзиното официјално име Република Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа