Иванов со честитка за 24 мај
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на сите православни верници и на сите граѓани на Република Македонија им го честита државниот празник, 24 Мај, Денот на македонските и сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј.
Посакувајќи им најискрени желби за добро здравје, благосостојба и радосни празнични мигови, Иванов во денешната честитка вели дека, 24 Мај е голем празник бидејќи ги слави светите браќа Кирил и Методиј, кои својот живот го посветија на ширењето на христијанската вера на нашите простори преку својата мисионерска, учителска и просветителска улога. - Преку својот ангажман како основоположници на словенската писменост и култура, тие влијаеле врз културниот развој на сите Словени, истакнува македонскиот претседател.
- Она во што тие веруваа и се залагаа, претставува дополнителен поттик да продолжиме и понатаму да даваме свој придонес за развој и промоција на образованието и науката. Големото дело на светите Кирил и Методиј нè задолжува да продолжиме да ги промовираме нивната мисија на учење и традицијата која се темели на мирот, духовното богатство на луѓето, меѓусебното почитување, толеранцијата и солидарноста, истакнува претседателот Иванов и додава дека остануваме доследни на нивниот пример за верба и истрајност, промовирајќи ја пораката за почитување на човековите права, слобода, достоинство, правото на идентитет, писменост и култура.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа