Утре стартува Дојранското лето 2013
Дојранското лето 2013 официјално почнува утре со манифестацијата „Дојран гурман фест“, прва од многуте што годинава ќе ги организира Туристичкото биро со поддршка од општината.
- Настанот ќе се одржи во паркот во Нов Дојран и ќе биде фестивал на традиционална храна од дојранското поднебје, рече раководителот на Туристичкото биро, Перо Митаноски.
ФОТО: Дневник
За таа цел, појасни тој, ќе се активираат сите здруженија на жени кои ќе приготвуваат специјалитети од крап, перкија, белвица и сом, кои помладите од Дојран никогаш не ги вкусиле или пак ги имаат заборавено.
- Нема да изостанат ниту пекарските специјалитети, рече Митаноски и додаде дека манифестацијата ќе има и културно-забавен дел со изведба на мини хумористична тетарска претстава, со настап на КУД „Ѓорги Абаџиев“ и концерт на македонската поп ѕвезда АлександарТарабунов.
- Се надевам дека дојранските културни збиднувања ќе продолжат да не оставаат без здив. Општина Дојран традиционално и со голема гордост ќе ги организира ваквите настани бидејќи преку нив со години успешно гради мостови кон соседите, постојано и одново докажувајќи дека грижата за уметничките вредности и традицијата се од големо значење за општината, рече градоначалникот на Дојран, Борче Стамов.