Угриновска: Со екстерното оценување се штитат и учениците и наставниците - нема потреба за паника

 

Со екстерното тестирање се заштитени и наставниците и учениците - наставниците поради поплаките дека трпат   притисоци и уцени од родителите за да поправат оценка, а  учениците зашто на овој начин се оценуваат според еднакви и конкретни критериуми, смета Емилија Угриновска, претседател на работната група за електронско екстерно тестирање.

- Идејата за  овој вид тестирање е прво за да провериме  каква е објективноста во оценувањето на наставниците, за подобрување на кавлитетот воопшто - и во наставата и во оценувањето и, пред се, поради бројните поплаки од самите наставници кои тврдеа дека се изложувани на притисоци и уцени од родители за да се поправат оценки. Вака ќе бидат на еден начин заштитени од сето тоа, изјави Угриновска и додаде дека ќе им се овозможи да бидат објективни со тоа што ќе имаат и алиби зошто не би примале такви уцени и притисоци.  Учениците, пак, додаде таа, ќе бидат изедначени бидејќи  ќе се оценуваат според конкретни критериуми, а не според тоа како некој мисли дека треба.

 

Екстерното оценување, со кое учениците ќе бидат тестирани по два предмета, ќе почне во понеделник и во сите училишта низ Македонија ќе трае десетина дена. Подготвени се 55.000 прашања по различни предмети. Во еден клас или одделение учениците може да бидат тестирани по различен предмет. На тестот има 30 прашања на кои треба да заокружат еден од четири понудени одговори. До крајот на тестот може да се навратат на некој одговор за да го поправат ако се премислат. Тестот треба да го решат за 60 минути.

 

Надлежните апелираат дека не треба да постои страв и отпор бидејќи тестот го содржи материјалот кој учениците го учеле во текот на годината. Оценката која ќе ја добијат ќе стои во свидетелството и ќе влегува во општиот просек на ученикот, но ќе стои и оценката што по тој предмет ученикот ја добил од наставникот.

 

Угриновска нагласи дека оценката од екстерното малку ќе влијае на вкупниот успех.   - Ние не ја бришеме оценката на наставникот. Ние апсолутно не ја анулираме неа. Таа си останува во свидетелството. Дополнително уште две оценки се додаваат на сите тие од предметите што ги учел и доколку не отстапуваат, влијанието е минимално. Тоа се само две од 14 или од 15 оценки  и се делат на вкупниот број оценки во свидетелството. Многу малку ќе влијае реално, изјави Угриновска.

 

Според неа, отпорот кон екстерното се јавува како и кон секоја новина. Како пример ја посочува државната матура за која, исто така, имаше негодувања при воведувањето, но сега функционира тековно и без проблеми.

- Секогаш кога се воведува некоја новина нормално е да се дава отпор. Истото ни се случуваше и кога ја воведувавме државната матура, но денеска после толку години реализација, таа е како сосем природен тек на настаните и природно е секој матурант да ја заврши пред да се запише на факултет, додаде Угриновска.

ФОТО: Нетпрес

најчитано сега