И понатаму критична ситуацијата со поплавите во Србија

Состојбата во Србија се уште е критична, а особено критична е ситуацијата во Обреновац и Свилајнац, каде илјадници луѓе искачени на покривите чекаа помош. Во над 150 илјади домаќинства немаат струја и вода. Бројни села во овие региони се отсечени од остатокот на светот и чекаат помош преку хеликоптери. Под вода се најде дури и главниот град Белград.

Центарот на српскиот град Обреновац од вчера целосно е под вода, а постојат индиции дека во поплавите е исчезната една постара жена, јави Танјуг. Во тој град се упатени дополнителни сили од Секторот за вонредни ситуации од Војводина, како и полициски тимови кои биле во Лазаревац и Уб со цел да извршат евакуација. Властите апелираат до граѓаните да не излегуваат од своите домови и да ги чекаат спасувачките екипи. Од Белград се испратени седум екипи на Итната медицинска помош.

Oсобено критично синоќа било во Шабац. Пукнал насип на Сава во Сремска Митровица. Дополнителни проблеми на спасувачите, како што јавуваат српските медиуми, им создаваат граѓаните кои одбиваат да се евакуираат поради страв да ги напуштат имотите бидејќи на теренот веќе почнале да „дејствуваат“ крадците, а не помал проблем се и трговците кои веднаш и за 40 отсто ги покачиле цените на основните животни продукти. Се стравува и од цревни инфекции.  

Доброволци од цела Србија тргнаа во најзагрозените подрачја за да помогнат во евакуацијата.

 

Се мобилизираа и спортистите и навивачите, а во заедничка спасувачка мисија тргнале навивачите на „Црвена Звезда“ и на „Партизан“, „гробари“ и „делије“.
Руски нуркачи и експерти за извлекување луѓе стигнаа во Србија за да помогнат во напорите за спасување на луѓето. И ЕУ и дел од нејзините членки, меѓу кои и Германија, понудија помош. Своја помош, во рамките на можностите, понуди и Македонија.

Во соседната Босна и Херцеговина состојбата исто така и натаму останува критична. Додека на планините падна околу половина метар нов снег, во градовите Маглај, Добој, Бјелина и Зворник има влошување на поплавите. Властите предупредија од уште поголеми проблеми, зашто најголемите реки во регионот, Сава и Дунав, својот највисок водостој ќе го достигнат дури следните денови.  Надојдените реки ги поместуваат минските полиња, а од свлечиштата почнале масовно да излегуваат змии.

Невремето во Словачка предизвика сообраќаен хаос и големи штети, а загина и еден старец.

Поплавите и ветрот предизвикаа штети и во Полска, како и две човечки жртви.

Во источниот дел од Чешка обилните дождови се закануваат со поплава од повеќе реки, а метеоролозите очекуваат натамошни врнежи.

17.05.2014 - 10:20
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега