Попоски денеска на министерска конференција во Солун
Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски, денеска во Солун ќе учествува на министерската конференција ЕУ-Западен Балкан, организирана од грчкото претседателство со Унијата.
Како што објавува МИА, пред почетокот на состанокот, Попоски ќе има работен појадок со еврокомесарот за проширување Штефан Филе.
-Со оглед на претстојните европски избори и новиот петгодишен мандат на Европскиот парламент и Комисијата , важно е ЕУ и земјите од проширувањето во Западен Балкан да ја потврдат нивната посветеност на европската перспектива, соопштува грчкото претседателство во најавата за настанот.
Според Атина, „во исто време важно е да се утврдат начините на понатамошно промовирање на европската агенда на регионот, вклучувајќи го и директното позитивно влијание врз животот на граѓаните, без разлика на или паралелно со напредокот што е постигнат во процесот на пристапување на нивните земји“.
Дискусиите на министерскиот состанок во Солун се поделени во две сесии, бидејќи ќе имаат политички и оперативен елемент.
Попоски ќе учествува во првата сесија, со тема „2004-2014: Десет години од проширувањето и европската интеграција на земјите од Западен Балкан“, на која учесниците ќе ја потврдат посветеноста на ЕУ кон европската иднина на регионот и решеноста на земјите од Западен Балкан да продолжат по патот на реформите поврзани со ЕУ. Исто така ќе се дискутира за постигнувањата и предизвиците на политиката на проширување во поглед на понатамошно промовирање на европската агенда во Западен Балкан.
Втората сесија, пак, е насловена „Надвор од Солунската агенда: Транспорт и енергетско поврзување“. Таа ќе биде посветена на енергетскиот и транспортниот сектор, проценка на потребите од инвестиции во инфраструктурата во овие два сектори, а ќе се разменат и мислења за изгледите за воспоставување стратешка рамка за зајакната соработка и финансиска помош.
Шефовите на дипломатии меѓу двете сесии ќе имаат и работен ручек на кој ќе разговараат за тоа како да се зајакне европската интеграција на Западен Балкан во реални услови преку поврзување во енергетскиот и транспортниот сектор, во регионот и во ЕУ, во меѓувреме промовирајќи раст, конкурентност и вработување , паралелно со процесот на пристапување на секоја земја, а ќе се дискутира и за поврзување во пошироки геостратегиски услови.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа